logo
logo
logo

Сиљановска-Давкова: Споменот за охридскиот светител е длабоко врежан не само во македонската, туку и во заедничката меморија на целиот словенски свет

Vecer | 08.12.2025

Сиљановска-Давкова: Споменот за охридскиот светител е длабоко врежан не само во македонската, туку и во заедничката меморија на целиот словенски свет

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до верниците од православна вероисповед по повод државниот празник Свети Климент Охридски.

„Денес, на 8 Декември, го чествуваме Свети Климент Охридски – нашиот најголем просветител и најверен ученик на светите браќа Кирил и Методиј“, порача претседателката.

Таа истакна дека споменот за охридскиот светител е длабоко врежан не само во македонската, туку и во заедничката меморија на целиот словенски свет.

Како што неговиот лик ги украсува храмовите, така името на Свети Климент го носат бројни образовни, научни и културни институции во државата. Но, највредното наследство што го оставил – нагласи Сиљановска-Давкова – е писменоста и моралните вредности, кои им овозможиле на луѓето подобро да ги разберат книгите, самите себе, но и својата улога во заедницата.

„Под негово водство, нашите краишта од политичка периферија прераснале во образовен, просветен и културен центар со древниот Охрид како духовна престолнина“, стои во честитката.

Охридската книжевна школа и богатото духовно и уметничко наследство, според неа, оставиле печат врз европската цивилизација, траејќи подолго од империи и идеологии.

Празникот, како што подвлече претседателката, е и повод за преиспитување:

Колку од светиклиментовите вредности – милост, смирение, помош и разбирање – ги живееме денес?

„Пред нас стои голем предизвик: повторно да ги научиме доблестите што ја одржуваат заедницата. Како и во времето на Климент, и нам ни е потребна заедничка, повисока цел што ќе нè обедини“, истакна Сиљановска-Давкова.

Таа повика на градење односи засновани врз владеење на правото, борба против корупцијата, социјална правда и заемна грижа – како предуслови за обновување на општествениот договор.

„Нека пораката на Свети Климент – за смирение, милост, знаење и заедништво – ни биде водилка да ја изградиме Македонија како пристојно, праведно и достоинствено место за живеење.

Честит празник!“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk