Владата не размислува за отворање на Уставот, политичките услови за тоа не се исполенти, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговорајќи на новинарски прашања по тркалезната маса „Воведување уставна жалба?“, Мицкоски рече дека Уставниот суд најверојатно веќе размислува како отприлика би изгледала архитектурата на специјалниот закон и изрази очекување дека наскоро можеби ќе има готов документ кој, како што напомена, кога ќе има политички услови, ќе биде донесен.
Како што рече, во овој контекст, неговото присуство на денешната тркалезна маса е силна порака.
„Претпоставуваме дека Уставниот суд веќе размислува како отприлика би изгледала архитектурата на специјалниот закон. Се надевам дека наскоро денеска може да се излезе со таков предлог-закон, да се има јавна дебата, да се слушне мислењето на јавноста и стручната јавност, да има готов документ кој, кога ќе има политички услови за такво нешто, да биде донесен, во моментот Владата не размислува за отворање на Уставот и политичките услови за тоа не се исполенти“ – нагласи Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на тркалезна маса во Уставниот суд истакна дека секоја промена на Уставот треба да се одвива внимателно, со создавање на политички услови, за да не се вознемири јавноста.
„Што се однесува до законот за Уставен суд, уставната тужба, тука сакам да споменам дека за тоа се согласивме со претседателот, промена на Уставот. Во оваа наша земја промената на уставот е чувствителна тема. И секогаш кога ќе се случи темата промена на Устав, тогаш, најчесто, не потсетува на некои други процеси од минатото.
Иако ова станува збор за сосема поинаков процес. Апсолутно се сложувам со носење на ваков специјален закон, односно закон за уставниот суд. Апсолутно се согласувам со институтот уставна тужба, но исто така сакам да потенцирам дека најдобро е да се создадат услови политички за промена на Уставот кога и тоа би било вклучено. За да не ја вознемириме и онака чувствителната јавност“, изјави Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата