Во ковид-пандемијата заклучно со јануари 2021 година, 17 илјади луѓе останале без работа, а врачени се 1.202 откази и 1.770 места се затворени. Ова се поразителни информации од извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) кој вели дека државата не само што загубила 23 милиони евра, туку и нема точни информации кој колку вратил од парите кои биле наменети за помош.
Над 6.000 работници сами дале отказ, а на 7.000 не им ги продолжиле договорите за определено вработување. Над 100 работодавачи не исплатиле минимална плата за 435 вработени иако ја добиле државната помош од 6.317 денари за тоа.
Причините за неефикасноста на државната помош според Државниот завод е во отсуството на добро планирање и отсуство на теренска контрола. Инспекција влегла само по еднаш и тоа кај секоја 200-та компанија.
„Нецелосните податоци за бројот на работодавачи кои ја исполниле/не ја исполниле обврската за враќање на финансиската поддршка во утврдените рокови и износ во буџетот на РСМ има за ефект помалку вратени средства и остварување помали приходи во буџетот“, се вели во извештајот на ДЗР.
Се наведува и дека при креирањето на владините мерки немало доволно анализи и проценки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата