Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, во интервју за Алсат изјави дека на следните избори албанските партии ќе бидат поделени на два блока, албанскиот опозициски блок и другиот блок кој се обедини со СДСМ, во кои се вклучени ДУИ, АА и новосоздадените партии.
Касами рече дека ДУИ создава фиктивни партии само за да се спаси од губење на гласачкото тело.
„Опозицискиот фронт има моќ да ја собори не само ДУИ туку и сите партии во Владата, а ние тоа не го кажуваме за нашата моќ, туку за моќта на албанскиот глас. На Албанците им е доста од ДУИ повеќе од 20 години на власт, со некои вазали кои во одредени моменти ја играа улогата на опозиција. Денеска за прв пат, а тоа го прифаќаат и претставници на Владата и некои партии создадени под раководство на ДУИ, на овие избори ќе има два блока: блокот на СДСМ-ДУИ и блокот на албанската опозиција“, рече Касами.
Касами го обвини поранешниот прв човек на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, дека е лажен опозиционер, додавајќи дека Села ја испробал секоја коалиција и конечно и се предал на ДУИ.
„Не можете да го чекате непријателот дома. Зиадин Села го примил Али Ахмети дома и отишол во неговиот дом, а потоа го прогласил за убиец за 27 април. Зборуваме за лажен опозиционер кој ја имал улогата на опозиција, но е слуга на ДУИ и продолжува да и служи со тоа што ја спасува во најкритичните моменти и ќе продолжи да и служи со одење во предизборна коалиција. Иако има гласини кои го негираат тоа, јас сум многу сигурен дека АА влезе во Владата за да оди на избори со заеднички листи“, изјави Касами.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата