logo
logo
logo

Ако сте штеделе во банка, ЗА 15 ГОДИНИ СТЕ ЗАГУБИЛЕ ЕДЕН СТАН!

Vecer | 26.03.2026

Ако сте штеделе во банка, ЗА 15 ГОДИНИ СТЕ ЗАГУБИЛЕ ЕДЕН СТАН!

Ако пред 15 години сте имале 100.000 евра заштеда, тогаш сте можеле да купите два стана по 50 квадратни метри. Но, сега можете да купите еден. Или, ако парите се гледаат како средство за инвестирање во недвижности, сте загубиле пари точно за еден стан.

Така покажуваат податоците од Народната банка за цените на становите, застапени во анализата на порталот Пари. Според нив, ако 2010 година се земе како базна година, односно ако тогашните цени се со индекс со база 100, четвртиот квартал од 2025 година има индекс од 198,92, што значи дека цените се зголемиле за безмалку 100 насто.

Со секој месец од 2026 година состојбата веројатно е уште подраматична затоа што сите податоци покажуваат дека растот на цените не престанува.

Според методолошкото објаснување на Народната банка, индексите се пресметани врз основа на огласите за продажба на становите во Скопје.

Поголем раст од 7,7 насто на годишно ниво, во однос на 2010 година, имало во четвртиот квартал од годината. Наредните пет години, во повеќе квартали имало дури и намалување на цените по неколку проценти, а во помалку квартали имало мал раст на цените.

Во 2016 година во сите квартали има нагорни годишни промени, а во 2017 година има пад на цените.

Од 2018 година цените благо одат во позитива, а првпат има нивен двоцифрен раст во четвртиот квартал од 2021 година, кога цените на годишно ниво се зголемија за 11,4 насто. Од 2022 година веќе се влезе во ера на галопирачки раст на цените на становите, така што четвртиот квартал од 2025 година во однос на четвртиот квартал од 2024 година заврши со раст од дури 25 насто!

ШТО СЕ СЛУЧУВА?

Со претходната енергетска криза, цените на градежните материјали почнаа нагло да растат. Тогаш почнаа драстично да се зголемуваат и цените на становите. Но, пазарот не покажа намалување на понудата. Напротив – во кризно време, во време на инфлација почнаа да се „затвораат“ парите во станови. Тогаш, дури и градежни компании признаа дека и по стабилизирање на цените на градежните материјали, продолжува да расте цената на станбениот квадрат.

Според информациите на Пари, трендот на продажба на станови продолжува. Се продаваат и станови во изградба. Градежниците со кои разговаравме велат дека ако имаат подобра локација, се случува само што ќе ископаат дупка за зграда да имаат продадено голем дел од становите.

ТРОШОЦИТЕ ЗА ГРАДЕЊЕ ЗА 4 ГОДИНИ СЕ ЗГОЛЕМИЛЕ ЗА 25 НАСТО

Државниот завод за статистика ја дава 2021 година како стартна, со индекс со база 100.

Како што видовме и од податоците од Народната банка, оттогаш тргна и големиот раст на цените на становите. Според пресметките на статистичарите, во 2025 година во однос на 2021 година трошоците во градежништвото за нови станбени објекти пораснале за 25 насто. Но, ако се погледаат годините наназад, јасно е дека има и пад на тие цени. Во овој период најголемиот раст е евидентиран во 2023 година, кога трошоците за градба на станови се зголемиле за 35,3 насто во однос на 2021 година.

Статистичарите пресметале и дека минатогодишниот раст од 25 насто се должи на раст на трошоците за материјали од 14,6 насто и раст на трошоците за плати од 55,1 насто.

Овие податоци се уште една потврда дека цените на становите „трчаат“ пред растот на трошоците.

Трошоците во 2025 година во однос на 2021 година се зголемиле за 25 насто, а за толку се зголемила и цената на становите за само една година (четврт квартал од 2025 година)! Дополнително, во четвртиот квартал од 2024 во однос на 2023 година имало зголемување од 10,6 насто, истиот период од 2023 година во однос на 2022 година раст од 6,9 насто и крајот од 2022 година во однос на 2021 година е „крунисан“ со раст од 20,5 насто.

Наравоучение: купувачите плаѓаат преценети станови и се бара начин тие цени да се вратат на нормално, економско, ниво а градењето “на секое ќоше“ во градот е вина и на законот кој овозможил банките да даваат ниски камати за заштедени апри а неколкукратно повисоки заработки да им се дозволуваат на Банките од давање на кредити на градежниците кои со пари од заштедите на граѓаните им продаваат прескапи станови но, и на општините со давање градежни дозволи без критерум исто колку и одговорност на купувачите кои тие “ќошиња“ ги плаќаат по цени кои се далеку од реалните.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk