logo
logo
logo

СУДОТ ОДЛУЧИ: НЕМА ЕФЕКТИВЕН ПРИТВОР ТУКУ ДОМАШЕН ПРИТВОР осомничените во случајот со РЕК Битола

Vecer | 09.10.2025

СУДОТ ОДЛУЧИ: НЕМА ЕФЕКТИВЕН ПРИТВОР ТУКУ ДОМАШЕН ПРИТВОР осомничените во случајот со РЕК Битола

Основниот суд во Битола одлучи да им одреди куќен притвор на двајца осомничени во истрагата за злоупотреби со јавни набавки во РЕК Битола, одбивајќи го предлогот на Основното јавно обвинителство за ефективен притвор.

- Нема мерка притвор за двајцата осомничени во предметот за злоупотреби со јавни набавки во РЕК Битола. Основниот суд во Битола не го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство, им одреди само куќен притвор.

Од Обвинителството реагираа на ваквата одлука. Велат дека не се согласуваат со мерката и дека ќе поднесат жалба, со барање да им се одреди ефективен притвор.

„Особено имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, од кои едниот поседува и значителен имот во друга држава, Обвинителството смета дека мерката куќен притвор не е соодветна“, соопштија од ОЈО Битола.

Според истрагата, ОЈО Битола отвори предмет против осум физички и едно правно лице за злоупотреби при јавни набавки во РЕК Битола.

Во фокусот се поранешниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори од Подружницата „Рудници“ во РЕК Битола, кои се сомничат дека во текот на 2023 година, како соизвршители, сториле продолжено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ според член 353 од Кривичниот законик.

Според доказите прибавени од Управата за финансиска полиција, осомничените свесно ги прекршиле правилата за економичност и ефикасност при јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во „Рудници“ – РЕК Битола.

Иако знаеле дека транспортот на јаглен во рудникот „Живојно“ не треба да се изведува преку континуирана технологија (со ротирачки багери и транспортни ленти), тие организирале јавна набавка што ја фаворизирала една приватна компанија — сега исто така под истрага — која станала единствен понудувач и склучила договор од кој остварила противправна имотна корист од големи размери.

Тендерот, според обвинението, бил наместен за приватна компанија што станала единствен понудувач и склучила договор од кој прибавила противправна имотна корист од големи размери.

Понатаму, дел од раководителите во РЕК Битола и едно службено лице се осомничени и за измама во службата, бидејќи потпишувале лажни извештаи и записници дека работите биле целосно завршени, иако немало никакви извршени активности.

Фирмата пак, преку фактури, од комбинатот незаконски наплатила над 106 милиони денари со вклучен ДДВ.

Обвинителството отвори постапка и против сопственикот и управителот на фирмата, како и против едно лице вработено во компанијата, за злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство.

Од обвинителството велат дека предметот е во истражна фаза и дека во наредниот период ќе бидат сослушани повеќе сведоци и вештаци со цел да се потврдат сомнежите за злоупотреби, фалсификувани извештаи и незаконско плаќање на непостоечки работи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk