Климатските промени, промените во животната средина, зголеменото патување и трговија придонесуваат за ширење на преносивите болести во нови подрачја и за продолжување на периодот во кој тие се активни. Поради тоа, се зголемува ризикот од појава и ширење на вектор-преносливи заболувања. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира до граѓаните да бидат информирани кога патуваат, посебно сега, за време на летните одмори и да се заштитат.
Вектор-преносливите заболувања се значаен јавно-здравствен предизвик. Тие сочинуваат повеќе од 17% од сите заразни болести во светот и предизвикуваат над 700.000 смртни случаи годишно. Овие заболувања се пренесуваат преку убод од заразени комарци, крлежи, песочни мушички и други вектори, а можат да бидат предизвикани од вируси, бактерии или паразити, велат од ИЈЗ.

Во Македонија се регистрираат заболувања како лајмска болест, инфекција со вирусот на Западен Нил, хеморагични трески, лајшманиоза и туларемија, додека маларија, денга, Зика и чикунгуња претставуваат потенцијален ризик за внесување и локално пренесување преку присутните вектори.
Комарците пренесуваат повеќе болести меѓу кои најчести се: западнонилска треска (инфекција со вирусот на Западен Нил) – е вирусно заболување што се пренесува најчесто преку убод од заразен комарец од родот Culex. Птиците се природен резервоар на вирусот, а луѓето и коњите се случајни домаќини. Вирусот не се пренесува од човек на човек преку вообичаен контакт. Околу 80% од заразените лица немаат симптоми. Кај приближно 20% се развива лесна форма на болеста (Западнонилска треска), додека кај помалку од 1% може да се развие тешка невроинвазивна форма (менингитис, енцефалитис или акутна флакцидна парализа), особено кај лица постари од 60 години и кај лица со ослабен имунитет.
Во Македонија повремено се регистрираат лабораториски потврдени случаи на инфекција со вирусот на Западен Нил, најчесто во текот на летните и есенските месеци, кога активноста на комарците е најголема. Во земјата е докажана циркулација на вирусот, поради што се спроведува континуиран епидемиолошки и лабораториски надзор.

Најчести симптоми на инфекцијата се: покачена телесна температура пратена со треска, главоболка, болки во телото и мускулите, замор и слабост, гадење и повраќање и осип. Појавата на силна главоболка, вкочанет врат, нарушена свест или конфузија или слабост на екстремитетите укажува на можни невролошки компликации за кои е потребен итен медицински третман.
Денга – е вирусно заболување што се пренесува преку убод од заразен комарец од родот Aedes, најчесто Aedes aegypti и Aedes albopictus (азиски тигрест комарец). За разлика од инфекцијата со вирусот на Западен Нил, каде човекот е случаен домаќин, кај денгата човекот е главниот резервоар и извор на инфекција во урбаните средини. Болеста не се пренесува од човек на човек преку вообичаен контакт, но заразено лице во периодот кога вирусот е присутен во крвта може да биде извор на инфекција за комарците.
Повеќето заболени закрепнуваат во рок од 1–2 недели. Сепак, кај мал број лица може да се развие тешка форма на денга, која се карактеризира со крварење, оштетување на органите и шок, состојби кои можат да бидат животозагрозувачки доколку не се препознаат и лекуваат навреме.
Во Македонија досега не е регистрирано локално пренесување на денга. Повремено се регистрираат импортирани случаи кај лица кои престојувале во земји каде што болеста е ендемска.
Најчести симптоми се: висока температура, силна главоболка, силни болки во мускулите и зглобовите, болка зад очите, гадење и повраќање и осип на кожата.
Зика – е вирусно заболување што се пренесува преку убод од заразен комарец од родот Aedes. Како и кај денгата, човекот е главниот резервоар и извор на инфекција во урбаните средини. Болеста не се пренесува преку вообичаен контакт меѓу луѓето, но освен преку убод од комарец, вирусот може да се пренесе и од мајка на плод за време на бременоста, по сексуален пат и многу ретко, преку трансфузија на крв. Заразено лице во периодот кога вирусот е присутен во крвта може да биде извор на инфекција за комарците, со што се овозможува одржување на циклусот на пренесување.
Кај повеќето заразени лица (околу 80%) инфекцијата поминува без симптоми или со лесна клиничка слика. Сепак, инфекцијата за време на бременоста може да предизвика сериозни вродени аномалии кај плодот, вклучувајќи конгенитален Зика синдром и микроцефалија.
Во Македонија досега не е регистрирано локално пренесување на вирусот Зика, а регистриран е еден импортиран случај. Најчести симптоми се: лесно покачена телесна температура, осип на кожата, црвенило на очите (конјунктивитис), главоболка и болки во мускулите и зглобовите.
Чикунгуња – вирусно заболување што се пренесува преку убод од заразен комарец од родот Aedes, исто како денга и Зика. Болеста се карактеризира со нагло покачена температура и силни болки во зглобовите, кои кај дел од заболените можат да траат со недели или месеци. Повеќето заболени целосно закрепнуваат, но кај дел од нив силните болки во зглобовите можат да траат подолго време.
Во Македонија досега не е регистрирано локално пренесување на чикунгуња, а регистриран е еден импортиран случај. Најчести симптоми на инфекцијата се: висока температура, силни болки во зглобовите, болки во мускулите, осип на кожата, замор и главоболка.
Маларија – е паразитарно заболување предизвикано од паразити од родот Plasmodium, кои се пренесуваат преку убод од заразен женски комарец од родот Anopheles. За разлика од вирусните заболувања што ги пренесуваат комарците, маларијата е предизвикана од паразит и без навремено лекување може да доведе до тешки компликации и смртен исход.
Најголем ризик од тешка форма на болеста имаат малите деца, бремените жени, постарите лица и лицата со ослабен имунитет. Најтешка клиничка слика предизвикува Plasmodium falciparum, кој е одговорен за најголемиот број смртни случаи во светот.
Во Македонија маларијата е елиминирана како автохтона болест и не се регистрира локално пренесување. Повремено се регистрираат импортирани случаи кај лица кои престојувале во ендемски подрачја, најчесто во земји од Субсахарска Африка, Азија и Јужна Америка.
Најчести симптоми на маларија се: висока температура проследена со треска, обилно потење, главоболка, гадење, повраќање и изразен замор и слабост.
Како да се заштитите од комарци?
Не оставајте отворени буриња, канти, пловни објекти (чамци, кануа) и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница.
Редовно чистете ги олуците за да се овозможи истекување на водата
Одржувајте ги чисти базените за капење, украсни базени, фонтани.
Користете миризливи свеќи, спирали и други репелентни средства додека престојувате во градина/двор.
Користете уреди со светлина или ултразвук кои ги одбиваат или уништуваат комарците.
Поставете заштитни мрежи на вратите и прозорците во домот.
Избегнувајте излегување и престој на отворено од зајдисонце до зори, кога комарците се најактивни.
Носете светла, долга облека која ги покрива рацете и нозете, која ќе остава помалку откриени делови од телото/кожата (долги ракави, долги панталони, чорапи, капи).
Користете заштитни средства (репеленти) во вид на лосион, стик, аеросол – спреј или крем за кожата и за облеката, кои ги одбиваат комарците.
Следете ги препораките за патување издадени од локалните здравствени власти.
Вакцинирајте се против заболувања за кои е препорачана и достапна вакцина, како што е жолта треска.
Применувајте профилактичка терапија, како што е анти-маларична терапија пред и за време на патувањето, по совет на лекар
При патување или престој во ендемски земји, задолжително употребувајте репеленти, а прозорците и креветите за спиење држете ги заштитени со мрежи импрегнирани со соодветен инсектицид.
Во извештајот на ИЈЗ се говори и за болестите кои ги прнесуваат крлежи и песочни мушички.
FacebookTwitterCopy LinkShare
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата