Проблемот со транспортерите најверојатно ќе се надмине преку издавање годишни визи кои ќе овозможат повеќекратен влез и излез од Шенген зоната – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски посочи дека веќе се водат разговори на билатерално ниво со неколку земји од Европската Унија кои се истовремено и дел од шенгенскиот простор, пренесе МИА.
Тој истакна дека институциите активно работат на изнаоѓање решение за предизвикот со транспортерите, нагласувајќи дека државата има проактивен пристап во процесот.
– Предизвикот со транспортерите е пред нас и мораме да го решаваме. Тука беше и комесарот задолжен за системот за влез и излез. Ние како држава сме проактивни, а нашата дипломатија и министерствата за внатрешни работи и транспорт работат координирано. Веќе имаме билатерални разговори со неколку земји членки на Европската Унија кои се и дел од Шенген зоната, па најверојатно решението ќе биде издавање годишни визи со повеќекратен влез и излез – рече премиерот.
Мицкоски потсети дека прашањето не се однесува само на карго превозниците, туку го опфаќа и патничкиот транспорт, кој исто така е засегнат од новите правила за влез и престој во Шенген.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата