logo
logo
logo

И без државјанство ќе може да се добијат здравствени услуги

МАКЕДОНИЈА ПРВА ВО РЕГИОНОТ ГИ РЕШИ СЛУЧАИТЕ НА БЕЗДРЖАВЈАНСТВО

Vecer | 28.04.2026

МАКЕДОНИЈА ПРВА ВО РЕГИОНОТ ГИ РЕШИ СЛУЧАИТЕ НА БЕЗДРЖАВЈАНСТВО

Во Скопје денеска беше промовиран протоколот за лица без државјанство, со кој институциите воспоставуваат системски и координиран пристап за решавање на новите случаи, како и за унапредување на пристапот до основни права, вклучително и здравствена заштита.

Протоколот е резултат на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и има цел да стави крај на ад-хок решенијата и административните празнини.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, оцени дека промоцијата на протоколот претставува значаен исчекор и надградба на досегашните напори.

– Ова е голем успех за државата, возможен благодарение на посветеноста на оваа Влада, а особено на лидерството на двата ресори – изјави Вал.

Тој потсети дека Македонија стана прва земја на Западен Балкан што ги реши сите познати случаи без државјанство произлезени од распадот на СФРЈ.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на промоцијата на Протоколот за постапување со лица без државјанство, заедно со министерот за здравство Азир Алиу.

На настанот беше истакнато дека Протоколот претставува важен инструмент за унапредување на институционалната координација и за обезбедување системски пристап во идентификувањето и решавањето на случаите на лица без државјанство.

Министерот Тошковски во своето обраќање нагласи дека Министерството за внатрешни работи има проактивен пристап во справувањето со овој предизвик, потенцирајќи дека државјанството претставува основно човеково право и предуслов за остварување на низа други права и слободи.

„Државјанството е едно од основните човекови права и претставува правна врска помеѓу лицето и државата. Во изминатиот период презедовме значителни напори за решавање на прашањето на бездржавјанството, при што постигнавме забележителен напредок. Нашата држава е прва во регионот и пошироко која успешно ги реши ваквите случаи, за што добивме признанија од Обединетите нации, Европската комисија и Советот на Европа. Протоколот кој го промовираме денес претставува следен чекор кон системско, навремено и координирано постапување, со цел целосно надминување на ризиците од бездржавјанство“, истакна министерот Тошковски.

Тој додаде дека преку воспоставување на јасни процедури и механизми за соработка меѓу институциите ќе се овозможи навремено идентификување на ризичните случаи и нивно ефикасно решавање, особено кога станува збор за малолетни лица.

Министерот за здравство Азир Алиу нагласи дека протоколот има директно значење за здравствениот систем и за пристапот до здравствени услуги за лицата без државјанство.

– Лицата без државјанство не смее да останат без здравствена заштита и во моментот кога ним им е потребна услуга, ние сме тука таа да биде обезбедена навремено и квалитетно. Задоволство ни е што овие процедури ќе бидат административно завршени – рече Алиу.

Од здравствен аспект, како што рече, новиот пристап ќе овозможи овие лица понатаму да бидат евидентирани и третирани како пациенти во здравствениот систем.

Со протоколот се очекува подобрена координација меѓу институциите, поефикасно решавање на новите случаи без државјанство и обезбедување пристап до основни услуги за една од најранливите категории во општеството.

Во рамки на настанот беше потенцирано дека Македонија, со поддршка на меѓународните партнери, продолжува да ја унапредува законската и институционалната рамка во согласност со меѓународните стандарди, вклучително и конвенциите за заштита и намалување на бездржавјанството.

Министерството за внатрешни работи останува посветено на понатамошно зајакнување на меѓуинституционалната соработка, со цел обезбедување ефикасна заштита на човековите права и унапредување на правната сигурност за сите граѓани.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk