logo
logo
logo

УАПСЕНА E СОПРУГАТА НА РАНЕТИОТ ДОКТОР ШАИНИ Се сомничи дека го нарачала убиството

Vecer | 08.10.2025

УАПСЕНА E СОПРУГАТА НА РАНЕТИОТ ДОКТОР ШАИНИ Се сомничи дека го нарачала убиството

Полициски службеници ја лишиле од слобода 43-годишната А.А. од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг, докторот Зекирија Шаини (43) од селото Слупчане, липковско.

Според информациите од МВР, обидот за убиство се случил во центарот на Куманово, каде што познатиот лекар бил погоден со огнено оружје и итно пренесен во Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје.

Од полицијата информираат дека во врска со случајот се повикани на разговор шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово бил извршен претрес по судска наредба.

Покрај уапсената жена, се трага и по Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој е осомничен како директен извршител на нападот и кој се уште е во бегство. Против двајцата ќе бидат поднесени кривични пријави за обид за убиство, по консултација со Основното јавно обвинителство Куманово.

Денеска, по успешна интервенција, доктор Шаини бил пуштен од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, каде што му биле санирани повредите.

Директорката на Клиниката, Јасмина Ѓоргиевска Павловска, изјави дека пациентот е во добра општа состојба.

– Пациентот е во добра општа состојба. По санирање на раните е пуштен на домашно лекување – рече Ѓоргиевска Павловска.

По отпуштањето од болница, Шаини првпат реагираше во врска со настанот, оценувајќи го како обид за убиство и кукавички напад од маскирани лица. Тој побара случајот да не се политизира и да не се поврзува со каков било политички судир, нагласувајќи дека нема непријателство со никого.

„Вчера бев нападнат на кукавички начин од маскирани лица. Сакам да ве уверам дека немам непеијателство со никого, ниту пак сум ја допрел нечија чест или семејство – за тоа ми е сведок само Бог. Сме во изборна кампања, но не сакам оваа случка да добие политичка конотација. Немам политичко непријателство со никого. Ги молам органите на редот да го расветлат случајот што е можно побрзо“, изјави Шаини.

Од Министерството за здравство вчера реагираа со вознемиреност на веста дека нивниот колега бил нападнат со оружје, посочувајќи дека се надеваат на брза истрага и санкционирање на сторителите.

Полицијата продолжува со истрагата за да се открие точниот мотив и улогата на секој од осомничените, додека Љ.Ф. од Гостивар и понатаму се наоѓа во бегство.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk