Поранешниот претседател Стево Пендаровски најави дека би се вратил во политиката само доколку се создадат услови за формирање сериозна, широка и голема опозициска коалиција која би имала шанса да ја порази актуелната власт.
Во интервју за СОРОСОДИТЕ „360 степени“ на МРТ 1, Пендаровски рече дека во овој момент не гледа такви претпоставки, но не ја исклучува можноста тие да се создадат во наредната година или подоцна.
„Јас би се вратил во политика само под еден услов: ако се создадат услови да се формира сериозна, широка, голема опозициска коалиција која ќе има шанси да ја собори оваа власт. Немам друга причина да се враќам во политика. Во овој момент, ако ме прашувате, денес не гледам дека има такви претпоставки. Но, не исклучувам дека такви претпоставки ќе се формираат можеби наредната година или таа потоа“, изјави Пендаровски.
Тој оцени дека опозицијата, ваква каква што е последниве години, не може да ја победи ВМРО-ДПМНЕ доколку не се обедини.
Според него, причината поради која власта и понатаму има подобар рејтинг не е тоа што владее добро, туку фактот што опозицијата не е консолидирана.
„Затоа што опозицијата не е консолидирана. Нема никаква дилема околу тоа. Сите бројки кажуваат, вклучително и последните локални избори, дека ВМРО-ДПМНЕ за најкус временски период изгуби најмногу гласови во историјата на парламентарни победници во Македонија“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека владејачката партија постигнала историски резултат на локалните избори само затоа што, како што рече, опозицијата сè уште не се опоравила од изборниот пораз. Според него, тој процес не почнал во 2024 година, туку трае пет-шест години, по тешките политички одлуки како промената на името, случајот со СЈО и други прашања.
Пендаровски рече дека ја поддржува најавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за голема коалиција и омасовување на опозицискиот блок.
„Апсолутно. Нема друг начин опозицијата, ваква каква што е последниве неколку години, да ја добие ВМРО, владејачката партија, и да ја тргне од власта, ако не се обедини“, рече Пендаровски.
На прашањето дали има амбиција да биде лидер на СДСМ, Пендаровски одговори негативно.
„Не, не, не – никогаш, затоа што јас сум бил активен политички околу 20 години, секогаш со таа страна од политичката поделба, да ја наречеме, или во тој блок, и тоа никогаш не сум го користел“, рече тој.
Тој ги отфрли и шпекулациите дека размислува да формира нова политичка партија, оценувајќи дека таквите наводи се „стандардни спинови на владејачката партија“ и дека не доаѓаат од СДСМ, туку од ВМРО-ДПМНЕ.
Во интервјуто, Пендаровски зборуваше и за политичкиот пристап на СДСМ во однос на уставните измени и европската перспектива. Според него, добро е што СДСМ има јасен став за тоа прашање, но оцени дека во практичната политика треба да се форсираат теми што носат политички поени.
„Во политиката добро е да имаш став, добро е да имаш јасен став. Најдобро е да не го менуваш тој став како што ќе дува ветерот. Добро е, одлично е што СДСМ го има тој став. Јас го поддржувам. Сум го поддржувал и пред три-четири години. Меѓутоа, во политиката, практична, правило број еден е: ги зборуваш и ги форсираш оние прашања што ти носат поени, не оние на кои губиш“, рече Пендаровски.
Според него, прашањата што можат да ѝ донесат политички поени на опозицијата се криминалот, корупцијата, аферите, некапацитетноста на клучни кадри, економијата и животниот стандард.
„Не е продуктивно, не е продуктивно во политичка смисла. Не е продуктивно за политичкиот субјект кој го претставуваш“, рече Пендаровски за секојдневното форсирање на темата за уставните измени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата