Во Бугарија се наоѓаат вкупно 14 пациенти, од кои девет се во болницата „Пирогов“, сите се екстубирани и оперирани, кај некои е извршена трансплантација на кожа. Една пациентка се лекува амбулантски со преврски.
Пациентите имаат психолошка поддршка и кај сите се продолжува со третман на изгорениците.
Тројца се хоспитализирани во Военомедицинскиот центар во Варна и се во добра општа состојба, а во болницата „Св Ѓорѓи“ во Пловдив е хоспитализиран еден пациент.
Сиљановска-Давкова денеска и утре престојува во работна посета на Бугарија, каде што ќе учествува на состанокот на шефови на држави и влади на „Акаба процес Балкан III“ во Софија.
Како што јави известувачот на МИА од Софија, посетата се реализира на покана на претседателот на Република Бугарија, Румен Радев и кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори.
Македонската претседателка ќе говори на првата сесија од состанокот насловена „Идентификување и разбирање на заканите“.
За време на посетата, предвидени се и билатерални средби на претседателката Сиљановска-Давкова со шефот на бугарската држава, Румен Радев и со кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата