logo
logo
logo

ЧИИ ЏЕБОВИ ЌЕ ПОЛНИ ВЛАДАТА: Донесена небулозна одлука за отворање на три нови друштва за игри на среќа под нејзина капа

Vecer | 20.09.2023

ЧИИ ЏЕБОВИ ЌЕ ПОЛНИ ВЛАДАТА: Донесена небулозна одлука за отворање на три нови друштва за игри на среќа под нејзина капа

Државната Лотарија на Македонија распиша јавен повик за избор на три приредувачи на игри на среќа на интернет, кој согласно анализите на експертите е дискриминаторски и фаворизирачки и упатува на сериозен сомнеж за тоа кои и како ќе бидат избрани компаниите, пренесува Плусинфо.

Според информациите објавени на порталот Владата пред една недела објавила повик кој е „скроен“ за да им се оневозможи учество на домашните компании, но и генерално според познавачите на проблематиката изобилува со небулозни услови со кои треба да се позанимаваат институциите.

Според експертите, првата небулоза и директна дискриминација е одредбата: да има искуство во приредување интернет игри на среќа во период од најмалку 3 години од денот на поднесување на понудата. Понатаму, да има искуство од најмалку 8 години во развој поддршка и маркетинг на интернет платформа за игри на среќа и содржини на игри во две држави во Европа од кои една на Балканот и последно, да има 40 милиони евра приход само од интернет игри на среќа.

Познавачите велат дека ваквите услови јасно ги исклучуваат домашните компании од учество на повикот затоа што самата држава веќе десет години ги дискриминира и не им дозволува да организираат игри на среќа преку интернет, а сега дополнително тоа им го поставува како услов за да се пријават. Понатаму, како е дојдено до другите услови, како организација во две држави и високите 40 милиони евра приход, не може да се потврди.

Како што пишува Плусинфо, објавувачот на Јавниот повик се повикува на член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и забавните игри. Во овој член нема јавен повик т.е. овој член не пропишува постапка и начин како и услови и критериуми за избор на приватен партнер. Преку овој, а и преку претходните јавни повици директно се прекршува Законот за игрите на среќа и забавните игри и без јасни законски услови и критериуми се избираат приватни партнери и тоа на долг рок.

Понатаму, се отвора прашањето како Државната Лотарија на Македонија констатирала потреба од три друштва за приредување на интернет игри на среќа? По која постапка и со кои документи ова е поткрепено? Зошто во услови на постоење на друштво кое е во заедничка сопственост на Државната Лотарија на Македонија и приватен партнер и кое во моментов приредува интернет игри на среќа е потребно да се зголемува бројот на приредувачи?

Познавачите на проблематиката констатираат дека Владата од главен поборник против игрите на среќа се чини полека и сигурно се претвори во главен промотор и организатор, а кој дебело ќе се офајди останува допрва да се види, пишува Плусинфо.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk