Поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев попладнево е спроведен во Основниот кривичен суд во Скопје. Богоев треба да биде изведен пред судија на претходна постапка, по барањето од Обвинителството за определување мерка притвор за него и уште три лица поради постоење на основано сомнение за злоупотреба на постапката за јавна набавка, за примање и давање поткуп.
Обвинителство, претходно соопшти, дека постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да стекне противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари.
Управата за финансиска полиција, претходно до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Стефан Богоев во својство на службено лице - поранешен директор на Царинската управа, С. М. поранешен помошник-директор во Царинската управа, Д. Г., овластено лице во правно лице, А. С., вработено лице во правно лице, и против едно правно лице поради постоење основи за злоупотреба на јавна набавка, за примање и давање поткуп. Јавното обвинителство соопшти дека се обезбедени докази и оти за сите четири лица ќе се бара притвор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата