logo
logo
logo

Екс претседател на Стоматолошката комора преку својата фирма го изигрувал системот

СО ЗЛОУПОТРЕБИ НА СТОМАТОЛОШКИ ЛИЦЕНЦИ ЌАРИЛЕ 515.000 ЕВРА

Vecer | 30.04.2026

СО ЗЛОУПОТРЕБИ НА СТОМАТОЛОШКИ ЛИЦЕНЦИ ЌАРИЛЕ 515.000 ЕВРА

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против поранешен претседател на Стоматолошката комора на Македонија и претседателот и четворица членови на Комисијата за стручни стоматолошки прашања поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, а повразано со издавање, обновување, продолжување и одземање лиценци за работа на доктори по стоматологија со што оствариле имотна корист за друштвата во вкупен износ од околу 515.000 евра.

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против М.Д., во својство на поранешен претседател на Стоматолошката комора на Македонија, К.П. во својство на претседател и Л.Е., К.З., А.Д. и Г.Ќ.Ч. во својство на членови на Комисијата за стручни стоматолошки прашања поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353 од КЗ на Република Северна Македонија.

Првопријавениот М.Д., пречекорувајќи ги границите на службените овластувања доверени од Министерството за здравство за издавање, обновување, продолжување и одземање лиценци за работа на доктори по стоматологија, свесно и со однапред утврдена намера склучувал договори со непостоечки здруженија за спроведување облици на континуирано стручно усовршување преку кои докторите по стоматологија стекнувале бодови за обновување на лиценците.

Воедно, првопријавениот бил основач, овластен потписник на банкарските сметки и еден од фактичките управители на ДДДММ – Друштво на доктори по дентална медицина на Македонија – Куманово, преку кое го изигрувал системот, постапувајќи спротивно на Правилникот за континуирано стручно усовршување и Законот за здравствена заштита

Во координација со останатите пријавени, биле издавани решенија и склучувани договори со цел спроведување на поголем број на настани годишно од она што е пропишано во Правилникот, овозможувајќи им имотна корист за ДДДММ, Македонското стоматолошко друштво и Стоматолошкото друштво на Албанците, на чии банкарски сметки се исплатувале средствата од котизациите на докторите по стоматологија за сите противправно акредитирани и реализирани настани, а за таа цел здруженијата во нивен состав намерно не биле регистрирани како посебни правни лица.

Со горенаведените противправни дејствија, пријавените оствариле имотна корист за друштвата ДДДММ друштво на доктори на дентална медицина на Македонија, Македонско Стоматолошко друштво и Стоматолошко Друштво на Албанците во вкупен износ од 31.969.250,00 денари.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk