logo
logo
logo

ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ РЕИЗБРАН ЗА ЛИДЕР НА ВМРО-ДПМНЕ - усвоени два политички документа Стратегија 2025–2030 и Доктрина

Vecer | 06.12.2025

ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ РЕИЗБРАН ЗА ЛИДЕР НА ВМРО-ДПМНЕ - усвоени два политички документа Стратегија 2025–2030 и Доктрина

Христијан Мицкоски доби трет мандат од делегатите на 18. партиски конгрес да ја води ВМРО-ДПМНЕ во наредните четири години што, според статутот на партијата, ќе биде негов последен мандат.

Според Зоранчо Јованчев, претседател на Изборната комсија, од 817 присутни делегати, 804 гласале и дале поддршка за нов мандат на Мицкоски.

На конгресот во Кавадарци тие го реизбраа Мицкоски за лидер на партијата кој беше и единствен кандидат за функцијата.

На конгресот, кој се одржа под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, беа усвоени два политички документа Стратегијата 2025–2030 и Доктрина.

По пребројувањето и соопштувањето на гласовите, следуваше обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски во својот говор истакна дека ја прифаќа довербата не како политичка победа, туку како заеднички завет.

– Нашата генерација има ретка привилегија: да го премости времето меѓу старата Македонија  држава оптоварена со кризи, сомнежи и неизвесности  и новата Македонија која ја градиме денес, држава што стои исправено, со повисока самодоверба, со јасна насока и со свест дека иднината не се очекува, туку се создава. Токму затоа ја прифаќам оваа доверба не како политичка победа, туку како заеднички завет. Завет дека ќе ја продолжиме модернизацијата без да ја изгубиме суштината. Завет дека ќе ја чуваме традицијата без да станеме заложници на минатото. Завет дека ќе се движиме европски, но секогаш македонски. И завeтoт дека секоја наша одлука ќе ја мериме со прашањето: „дали го јакне достоинството на државата – рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека секој што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ мора да ја разбере вистината што често се заборава дека  Македонија не пропаѓала од слабости, туку од мали амбиции.

– Историјата не нè учи дека победи се кратки, но системите се долги. И ако нашето дело има вредност, таа ќе биде измерена не денес, туку за дваесет години кога новите генерации ќе можат да кажат дека живеат во земја што не паднала во искушение да се повторува, туку се осмелила да се преобрази. Секој што ја предводи оваа партија мора да ја разбере вистината што често ја забораваме: Македонија не пропаѓала од слабости, туку од мали амбиции. Од политичари што мислеле за следниот говор, а не за следната генерација. Од влади што правеле пријатели, но не и институции. Од системи кои се одржувале на импровизација, а не на дисциплина”, потенцира Мицкоски.

Заблагодарувајќи сè уште еднаш за довербата, Мицкоски потенцираше дека ова не е лесен товар, туку е товар што го прифаќа со мир, затоа што знае дека не го носи сам, затоа што знае дека позади него стои народот.

– Со мир затоа што знам дека зад мене стои народот и стоите сите вие, што во најтешките моменти не изгубивте ниту надеж, ниту достоинство. Во годините што поминаа, многу се зборуваше за тоа што треба да биде Македонија, а премалку за тоа што може да стане. Затоа што државите не ги уништуваат непријателите однадвор, ги уништува сомнежот и немањето амбицијата одвнатре. Македонија премногу долго беше научена да се гледа себе низ очите на другите, да се мери со туѓи очекувања, да чекори темпо кое друг го диктира – посочи, меѓу другото, Мицкоски.

Мицкоски додаде дека ова е вечер кога правиме историски исчекор, вечер кога партијата што ја создадоа генерации борци, создаваме заедно стратегија, доктрина и нова национална рамка, како и вечер кога таа визија ја добива поддршката што ја претвора во обврска за сите нас.

 Вечерва, на овој конгрес, не добив само реизбор како претседател на ВМРО ДПМНЕ, туку денеска, победи идејата. Победи патот што го трасираме за Македонија. Се потврди и недвосмислено зајакна решителноста да излеземе од кругот на стравот, поделбите, ниските амбиции и политичките навики што ја влечеа државата назад. Благодарам за овој ден. Благодарност и честитки за организацијата на овој настан и луѓето кои земаа учество. ВМРО-ДПМНЕ вечерва затвора едно поглавје на транзиции, кризи, напади, притисоци и неправди. И го отвора поглавјето на зрелост – рече Мицкоски.

Во своето обраќање се осврна на Стратегијата Македонија 2030, која е и национален патоказ, и рамка која ќе ја стабилизира државата.

,,Денес, со усвојувањето на Стратегијата и Доктрината, создадовме нешто повеќе од политички документи, создадовме национален патоказ. Тоа е рамката што треба да ја стабилизира државата, да ја европеизира без да ја разредува, да ја зајакне без да ја изолираме, да ја направи конкурентна без да ја изгуби својата духовна вертикала. Ние не пишувавме програма, ние создадовме договор со иднината. А секој договор, вреди онолку колку што сме подготвени да го исполниме”, кажа Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека ова не е само обичен документ, туку и рамка што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала.

– Вечерва, вие, делегатите, ја изгласавте Стратегијата 2025–2030, ја потврдивте Доктрината што ја подготвувавме со месеци, ја усвоивте платформата што треба да го дефинира животот на државата и развојот на партијата во следната деценија. Тоа не е обичен документ.  Тоа е национален договор. Тоа е рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала. Тоа е патоказ што гарантира стабилни институции, модерна економија, почитувана дипломатија и самосвесна држава”, истакна Мицкоски и укажа: „Јас ви ветувам, како што сум ветил и пред вас и пред народот, никој нема да го прекрши тој договор. Ниту јас. Ниту владата. Ниту кој било што ја носи одговорноста – рече Мицкоски.

Говорејќи за економијата Мисцкоски истакна дека треба да се работи на системски мерки и решенија, а воедно и дека економијата треба да се раздвижи и домашните компании да се поддржат затоа што, како што вели тој, тие се рбетот на стопанството.

– Најважната задача, која пред себе ја имаме, е да го подобриме животот на граѓаните. Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година и половина власт го посветивме на изградба на темели кои ги затекнавме разрушени. Но од годината што следи нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните. За подобар живот и за создавање на систем кој нема да зависи од субјективните карактеристики на поединецот, туку од моралниот кодекс на заедницата. Систем кој служи на општеството и на она што претставува наша заедничка цел секој човек да има повеќе, да има повеќе пари, повеќе среќа и повисок стандард – рече Мицкоски.

Мицкоски истакна дека и покрај намалениот наталитет, радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња во земјава. Тој посочи дека треба да се работи на системски мерки и решенија.

,- Потребно е младите да ја добијат вистинската шанса која нема да зависи од политичката или било каква друга припадност, освен од сопствените капацитети и способности. Мора да го подобриме образованието. Знаењето и наобразбата е најважниот и најсигурниот клуч за излез од сиромаштијата. Економијата мора да се раздвижи дополнително, иако до сега се раздвижи  најмногу во последната деценија, а домашните компании да се поддржат затоа што тие се рбетот на стопанството. Имаме тешка задача да се бориме против нашето исчезнување како држава и народ, а тоа е демографијата и намалениот наталитет. Радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња, но далеку сме од она што треба да биде вистински мотор на општеството, човечкиот фактор. И затоа треба да работиме на системски мерки и решенија. Помалку луѓе значи послаба економија. Послаба економија значи незадоволни луѓе. Така ја губиме државата. А ние сме премали за да се раситнуваме во секој поглед”, кажа Мицкоски и дополни:

- И кога ја говорам оваа тема за зголемен наталитет, мора да се даде одговор на две клучни прашања. Да се има чувство и грижа за оние кои имаат потешкотии да имаат свој пород, и државата ќе направи се за да помогне за зголемена и подостапна медицинска грижа. И второто прашање е да се помогне младите парови да стигнат до свој дом, затоа што навистина  цените на недвижностите се нереални и свесен сум дека претставуваат голема грижа за многу луѓе.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk