Владата на денешната редовна 160. седница го усвои Предлог законот за парнична постапка, сеопфатно процесно законско решение кое се подготвуваше подолг временски период, во консултација со стручната и академската јавност. Со неговото донесување се реализира уште една значајна обврска од Развојната стратегија за правосудството 2024 – 2028, како и дел од Програмата за работа на Владата за 2025 година.
Станува збор за системски закон кој носи суштински и длабински измени со цел унапредување на ефикасноста, транспарентноста и правната сигурност во граѓанските постапки.
Клучните новини во законското решение се:
– Обезбедување поквалитетна правна заштита и поефикасно водење на постапките.
– Унапредување на постапката за вештачење, при што се овозможува судот и по службена должност да изведува вештачење и увид на лице место како доказ, со што се зајакнува улогата на судот во утврдување на фактичката состојба.
– Воведување на електронска достава од двете страни, како значаен чекор кон целосна дигитализација на судските предмети.
– Зголемување на опфатот и забрзување на постапките во споровите од мала вредност.
– Намалување на висината на паричните казни за учесниците во постапките, со цел поголема правичност и пропорционалност.
За првпат се воведуваат претставнички тужби за заштита на колективни интереси и права, со што се унапредува пристапот до правда за поголеми групи граѓани, а воедно се избегнува големото и нерационално трошење на ресурси.
Со усвојувањето на овој закон, Владата уште еднаш ја потврдува својата определба за спроведување на вистински, суштински, а не козметички реформи во правосудниот систем, во насока на градење ефикасно, модерно и доверливо судство, соопштија од Владата.
Според Министерството за правда, Предлог-законот за парнична постапка ќе овозможи и задолжително застапување од адвокат, намалување на паричните казни за учесниците во постапката, одржување на рочишта по електронски пат.
Законот е резултат на двегодишна работа на експертска група, со вклученост на судството, академската заедница, стопанството и граѓанскиот сектор, како и широка јавна дебата со стотици коментари и предлози, додаваат од Министерството за правда.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата