Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оствари средба со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов, на која била истакната неопходноста за изградба и модернизација на европските транспортни коридори, со посебен акцент на железничкиот и патниот Коридор 8, како предуслов до регионален економски развој и олеснување на транспортот и трговијата.
До неодамна идеја и желба, од денеска обврска – двете држави ќе усогласат заеднички договор, кој ќе биде основа за изградба на тунелот кој директно ќе ја поврзе македонската и бугарската железничка мрежа.
Потенцирајќи го прашањето за железничкото поврзување меѓу двете земји, двајцата соговорници нагласија дека овој проект има регионална димензија, каде покрај економското значење, се наметнува и прашањето за стратешкото позиционирање на НАТО Алијансата преку поврзување на Јадранското и Црното море.
Бугарија се согласи на градба на заеднички тунел, и конечно, ќе инвестираат 1,5 милијарди евра во пругата од Коридорот 8.
Претходно, Бугарија инсистираше Македонија прва да го започне и заврши нашиот дел од тунелот во планина на самата гранична линија, без никакви гаранции дека работата од нивна страна ќе биде завршена, што претставуваше сериозна дискрепанца во ставовите.
Исто така, немаше конкретни бројки за нивната инвестиција, за која гледано од страна се имаше чувство дека пругата е „оставена на страна“ и без интерес од официјална Софија.
Бројката од 1,5 милијарди го менува светогледот на Бугарија по ова прашање. Таа денеска се согласи дека мора да се гради заеднички тунел.
Двајцата соговорници, Николоски и Караџов се согласија за нова средба во периодот кој следи со цел заеднички да се усогласи текстот на Договорот со кој ќе се постигне согласност за изградба на заедничкиот тунел којшто треба да ги поврзе Македонија и Бугарија со што ќе се придвижат работите за реализација на железничкиот Коридор 8, наведуваат од Министерството за транспорт.
Во следниот период јасно ќе се види дали заложбите се само декларативни или ќе бидат спроведени на дело од бугарска страна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата