Македонското собрание по неколкучасовна расправа им изгласа недоверба на петмина членови на Судскиот совет избрани од парламентот, откако мнозинството пратеници ја поддржаа интерпелацијата на Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми.
Аргументите за ваквата одлука беа дека „членовите на Судскиот совет имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството“.
Исто така се смета дека тие ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, го губат легитимитетот да учествуваат и одлучуваат во работата на Судскиот совет.
Зад иницијативата, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство. Пратеничката група на Левица пред седницата се изјасни дека ќе ги поддржи интерпелациите, бидејќи „мора да се прати порака до судството, дека одговорност мора да има веднаш“. Но, изгласувањето на интерпелациите не значи оставки за овие пет члена на Судскиот совет кои самите решија дека нема да ја спроведат одлуката на собранието кое ги назначило на функција ама, според нив, не смее да ги разрешува какви и да се.
Борба за владеење на правото или удар врз правосудниот систем
Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ во името на предлагачите, посочи дека Судскиот совет станал полигон за партиски инсталации и алатка за заштита на криминалот на СДСМ и ДУИ. Изгласаната интерпелација не значи дека по автоматизам им престанува функцијата на овие членови на Судскиот совет. Токму затоа, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски порача дека по изгласаните интерпелации би било демократски зрело членовите на Судски совет да си поднесат оставки.
Додека власта ја бранеше интерпелацијата со теза дека таа е „клучен момент во борбата за владеење на правото и довербата во институциите“, од опозициската СДСМ сметаат дека се врши удар врз правосудниот систем.
„На членовите на Судскиот совет, одговорност може да утврдува само Судскиот совет, затоа, поднесените интерпелации како механизам за политичка контрола на Собранието над субјектите кои што ги кажав претходно е преседан и недозволен акт во една демократска држава“, рече пратеникот на СДСM, Оливер Спасовски. Пратениците на СДСМ и Европскиот фронт не учествуваа во понатамошната расправа.
„Интерпелацијата е недозволена“
Еден час пред интерпелацијата седница одржа Судскиот совет.
Членката на Судскиот совет, Тања Чачарова – Илиевска во изјава за новинарите оцени дека „интерпелацијата против петте членови на Судскиот совет, кои што ги избира Собранието е недозволена“.
„Не само што не е дозволена, туку овој акт претставува преседан во досегашната парламентарна демократија на Северна Македонија. Повеќе од 30 години досега ниту еднаш не се случило Собрание да поднесе интерпелација на член на Судскиот совет“, вели таа.
Со поднесената интерпелација само за петте членови на Судскиот совет, не е повредена само една од темелните вредности на уставниот поредок, поделбата на власта на законодавна, извршна и судска власт, туку е повредено е и основното начело на еднаквост на членовите на Советот. „Законот за Судски совет не прави разлика помеѓу членовите во зависност од тоа дали се избрани од редот на судиите или се избрани од Собранието, а со тоа се прави дискриминација помеѓу членовите на Судскиот совет што е недозволиво. Пратениците кои што се претставници на законодавната власт треба, исто така, да ги почитуваат Уставот, законите и меѓународните договори, кои што токму Собранието ги ратификува и да постапуваат согласно нив“, рече Чачарова Илиевска.
Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на претседателот на државата.
По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас. Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор.
Владејачката коалиција иницираше носење на нов закон за Судски совет.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата