Доцна синоќа, на три локации во Скопје – две во Аеродром и една во централното градско подрачје, на улицата „Рузвелтова“, беа затекнати лица при нелегално исфрлање шут и отпад, со што директно се загрозуваат животната средина, здравјето на граѓаните и изгледот на нашиот град, сподели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, порачувајќи дека ќесе постапува против секој кој несоодветно се однесува и дека одговорност ќе има! Тој додаде дека сторителите се лоцирани, веднаш евидентирани и добија налог во текот на утрешниот ден да се јават во просториите на Град Скопје, каде ќе им биде изречена соодветна глоба согласно законските прописи. Дополнително, наложено им е уште вечерва да го подигнат отпадот и да го однесат на соодветна депонија, со задолжително приложување кантарска белешка како доказ. Доколку тоа не го сторат, ќе следуваат нови санкции.
Сакам да бидам јасен – нема да дозволам поединци да го грдат лицето на Скопје, да го загадуваат просторот во кој живееме и да ја загрозуваат иднината на нашите деца. За вакви појави нема оправдување.За вакво однесување нема толеранција. За уништување на Скопје – ќе има одговорност.

Апелирам до сите граѓани: да го чуваме Скопје како сопствен дом. Да не дозволиме неодговорноста на поединци да ја поништи работата, трудот и желбата на илјадници скопјани кои сакаат чист, уреден и достоинствен град. Инспекторите се 24 часа на терен и будно го следат секое нарушување на животната средина. Скопјани не го заслужуваат ова. Скопје мора да биде чисто. Скопје мора да биде заштитено.Скопје мора да биде град со ред, одговорност и почит, порача Ѓорѓиевски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата