logo
logo
logo

Бугарските медиуми ГИ НАПАЃААТ СТЕРЈОВСКИ И ЕДИНСТВЕНАТА МАКЕДОНСКА ПАРТИЈА ВО АЛБАНИЈА

Vecer | 17.04.2025

Бугарските медиуми ГИ НАПАЃААТ СТЕРЈОВСКИ И ЕДИНСТВЕНАТА МАКЕДОНСКА ПАРТИЈА ВО АЛБАНИЈА

Бугарските медиуми повторно упатија напади кон лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, кои тој категорично ги отфрла и ги нарекува чиста лага.

Под наслов „Скриена вистина за Васил Стерјовски: српски пасош во рацете на ‘македонски лидер’“, Ипрессбг пишува дека Стерјовски, кој ја предводи единствената партија на Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), често се претставува како активен бранител на македонскиот идентитет, говори против „бугаризацијата“ и инсистира на заштита на малцинските права.

„Но сега стана јасно дека Стерјовски поседува српско државјанство, лична карта и пасош на Република Србија. Како е можно лидер кој тврди дека се бори за македонската кауза да има документи од земја која историски го користела македонизмот како алатка против Бугарија? Овој чин е показател за длабоко лицемерие. Неговата партија сѐ повеќе наликува на проект роден во интерес на странска земја“, пишува меѓу другото.

Во текстот се нагласува и дека „современиот македонизам не е автентична национална идеја, создаден е во службите на Белград со цел да го подели бугарскиот народ и да ги негира историските вистини“.

Стерјовски во изјава за МИА вели дека вакви напади биле очекувани од бугарска страна, бидејќи, како што истакна, „на Бугарите не им одговара да има Македонец-пратеник во албанскиот парламент кој ги застапува македонските интереси во Албанија“.

„Нападот е насочен против мене и против македонската партија. Во текстот сѐ е измислено, и тврдењето дека македонската партија е формирана од Србија, и дека македонизмот е продукт на Србија. Бугарите сѐ уште се заглавени во 19 век и не можат да се помират со фактот дека македонската нација е историска реалност. Не се чудам, вакви и слични напади ќе има уште“, рече Стерјовски.

Според него, никој во Албанија не верува на вакви измислици, бидејќи се работи за чиста невистина, како и многупати досега.

„Никогаш не сум имал средби со српски дипломати или политичари. Единствените контакти ми биле со претставници на српското малцинство во Албанија, во рамки на напорите за остварување на правата на нашите малцинства. Во животот, имам 43 години, само двапати сум бил во Србија, првпат при формирањето на Македонскиот национален совет, а вториот, минатата година, кога ја посетив македонската заедница во Панчево, нагласува Стерјовски за МИА.

Тој заклучува дека Бугарите не можат да се помират со фактот дека во трката за пратеник во Албанија нема ниту еден нивни претставник што, според него, е уште една потврда дека во Албанија немало, нема и нема да има Бугари. Според Стерјовски, тие беа вештачки прикажани на последниот попис под притисок и пописен инженеринг.

Стерјовски претходно доби јавни закани од Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“ од Бугарија, кој е прогласен за persona non grata во Албанија по барање на Македонска алијанса за европска интеграција, поради мешањето во процесот на пописот.

Исто така, фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија ја тужи МАЕИ и Стерјовски во судот во Корча, барајќи отштета од 10.000 евра и јавно извинување, поради тоа што партијата побара од албанските власти забрана на нејзините активности во Албанија, обвинувајќи ја дека се мешала во пописот и корумпирала албански политичари со цел асимилација на Македонците во земјата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk