logo
logo
logo

Седницата за избор на новите министри закажана за 24 декември

Vecer | 12.12.2025

Седницата за избор на новите министри закажана за 24 декември

Собраниската седница за разрешување и за избор на новите министри претседателот на Собранието Африм Гаши ја закажа за 24 декември. Прво ќе следи разрешувањето на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, а потоа пратениците ќе гласаат за избор на првиот вицепремиер министер за европски прашања Беким Сали од Алтернатива и министерот за животна средина Мухамед Хоџа од Демократско движење и двајцата од коалицијата Вреди.

Изборот на новите министри следи по локалните избори откако првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити стана градоначалник на Чаир.

По изборот на новите министри, а како што најави премиерот Христијан Мицкоски, на пролет ќе следи поголема реконструкција на Владата, откако претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе направи промени во партијата по партискиорт конгрес кој се одржа на 6 декември.

Сали од неодамна е и вршител на должност претседател на Алтернатива, додека Хоџа на функцијата министер доаѓа од позицијата поранешен портпарол на владата на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски.

Во биографијата која Сали ја приложил до Собранието е наведено дека е основач и директор на стоматолошка клиника „Молар“ во Скопје, во 2009/2010 бил шеф на кабинет на министерот за здравство, а во тој период бил и претседател на Управен одбор на Фондот за здравствено осигурување, Министер за здравство Сали бил од 17 јануари 2022 година до февруари 23 година. Сали од пратеник ќе стапи на функцијата вицепремиер и министер за европски прашања.

Новиот министер за европски прашања завршил Стоматолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и е доктор по стоматологија.

Политички прво бил ангажиран во партијата Беса од 2014 до 2018 година за по поделбата на партијата тој да премине во Алтернатива каде што бил организациски и генерален секретар, како и кандидат на локалните избори во Општина Чаир. Сали е член на Стоматолошката комора, член на Здружението на албанските стоматолози и член на Здружението на албанските имплантолози. Мајчин јазик на новиот министер му е албанскиот, а течно зборува и македонски, англиски и турски јазик.

Новиот министер за животна средина Хоџа бил новинар во МРТ во радио Скопје, уредник на информативна програма, дописник на „Радио Телевизијата 21“ во Приштина и во дневениот весник „Бота сот“ – Приштина. Хоџа бил и дел од Координативно тело за собирање на илегалното оружје, формирано за спроведување на Законот за доброволно собирање оружје, потоа е ангажиран во кабинетот на вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор во Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, раководител на Сектор Влада и портпарол во Министерство за односи меѓу заедниците, раководител на Сектор.

Хоџа по образование е правник со положен правосуден и нотарски испит и во моментов е на магистерски студии.

Хоџа политички прво беше дел од ДУИ за потоа да прејде во Демократско движење на Изет Меџити.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk