Ако Европа сака да го задржи својот кредибилитет, треба да ги исправи неправдите што се нанесени кон Македонија како држава. Ова денеска го рече премиерот Христијан Мицкоски при посетата на реконструираната Општа болница во Струмица, посочувајќи дека европратениците треба да го поддржат амандманот во кој билатералните протоколи се исклучуваат како формален составен дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија.
„Европратениците треба да го поддржат и оној амандман во кој се нотираат придобивките и напредокот, но и оној дел каде што протоколите не се составен дел од Преговарачката рамка, што треба да се нотира“, вели тој.
Мицкоски ги повика европратениците да се придржуваат до европските вредности дефинирани од Роберт Шуман, Конрад Аденауер и Алчиде де Гаспери при формирањето на Европската Унија.
„За жал, кај нас понекогаш вината треба да ја бараме и помеѓу нас. Имавме такви политичари и медиокритети што во минатото направија штета и на граѓаните и на државата, но затоа имаме нова генерација и тука и во Европскиот парламент која е подготвена таа штета да ја исправи“, рече Мицкоски.
Европскиот парламент денеска на пленарна седница во Стразбур треба да гласа за конечната верзија на извештајот за напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија на известувачот за нашата земја, европратеникот Томас Вајц.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата