На вчерашниот долгонајавуван протест демек на Сојузот на синдикати на Македонија, на дело се докажа она за кое ние ви укажувавме. Од вчера, сите се на чисто дека ССМ и СДСМ делуваат заеднички и дека и едните и другите се немоќни и само си се надополнуваат – изјави на прес конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
– Граѓаните беа сведоци дека на таканаречениот синдикален протест имаше лица со обележја на СДСМ. Обележјата на СДСМ и промотивниот материјал може да го видите и вие на фотографиите зад мене.
Ова е само доказ дека синдикалците не се организирале сами, дека на синдикалците им помагале локалните штабови на СДСМ. И тоа им помагале во целата организација на вчерашниот протест. Им помагале лица на СДСМ од Куманово, Тетово, Струмица и слично.
Настанот вчера беше само доказ дека има равенство помеѓу ССМ и СДСМ, односно дека ССМ и СДСМ се едно исто. Во конкретниов случај ССМ и СДСМ ги злоупотребуваат работниците и нивните права само да бидат видливи на општествената сцена.
Да нема забуни, ВМРО-ДПМНЕ постојано стои зад работниците и нивните права.
ВМРО-ДПМНЕ прави сѐ што може за да се подобри стандардот на секој еден граѓанин.
ВМРО-ДПМНЕ го почитува правото на работниците да протестираат и да ги бараат своите работнички права, меѓу кои и повисока плата. Но, ова што се случува не е протест на работници, не е протест за работнички права. Ова е игра на ССМ и СДСМ да бидат видливи како фактор на пошироката општествена сцена, игра посебно на СДСМ која како партија сигурно се движи кон пропаст.
ВМРО-ДПМНЕ само сака секој да може да ги реализира своите права, а не да биде употребуван или злоупотребуван од различни центри, како во случајов од СДСМ и ССМ – рече Петрушевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата