Примамливи плати од околу 70 илјади денари можат да земат ИТ инженери или аналитичари кои би се пријавиле на огласот за работа на Народната банка на Македонија. Согласно објавата на нивната веб страна, се бараат кандидати со кои би се пополниле пет работни позиции од различен карактер, а согласно позициите и различни плати.
Четворица од идните работници во НВРСМ ќе добијат договори на две години, додека само за една од позициите се нуди вработување на неопределено време.
Од вкупно петте позиции, четири се наменети за високо стручен кадар, и тоа самостоен аналитичар I степен во Дирекцијата за плаќања и заднински операции, како и за позицијата програмер во Дирекцијата за апликации, за позицијата систем-инженер во Дирекцијата за ИТ инфраструктура и помлад систем-инженер во Дирекцијата за ИТ инфраструктура. За сите овие позиции вработувањето или договорите според огласот ќе бидат на две години.
Петтата позиција која НБРСМ сака да ја пополни, и е вработување за на неопределено време е угостител – почетен степен. За оваа позиција доволно е средно образование, без задолжително работно искуство, но со практични угостителски вештини.
Но, за другите позиции, како на пример аналитичар и ИТ позициите се бара високо образование (економски или информатички науки), работно искуство од 1 до 3 години, активно познавање на англискиот јазик, како и конкретни технички знаења – од платни системи и финансиски пазари, до MS Visual Studio, SQL сервери, Windows Server, мрежна инфраструктура и ИТ безбедност.
За позицијата самостоен аналитичар задолжително се бара и ACI сертификат.
Кандидатите ќе бидат тестирани за стручните знаења, англиски јазик и познавање на работењето на Народната банка.
Народната банка објави и колкави ќе бидат нето-платите на идните вработени во оваа институција, и тоа за секоја позиција одделно. Па така за позицијата самостоен аналитичар платата достигнува 73.145 денари, за програмер и систем-инженер 68.526 денари, додека за помлад систем-инженер: 60.313 денари. Но, платата за угостителот е значително пониска и достигнува само 31.117 денари
Кандидатите кои се заинтересирани за работа, мора да имаат предвид дека за време на пробната работа, која трае еден месец, платата се достигнува само 50 проценти од основната нето-плата. Работното време е флексибилно – со почеток меѓу 08:00 и 09:00 часот, а завршеток меѓу 16:00 и 17:00 часот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата