СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ц.М. и Н.Ц. поради сомнение дека фалсификувале документи и извршиле измама со цел да обезбедат влијание во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Според полицијата, двајцата, во својство на претседател и секретар на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Охрид, во текот на 2024 година внесувале лажни и неточни податоци во системот „Комет“ на ФФМ. Станувало збор за натпревари кои воопшто не биле одиграни, како и за лица кои биле прикажани како играчи и судии, иако не биле регистрирани и немале право на учество.
Со ваквите внесувања, пријавените, како што наведува СВР Охрид, се обиделе да создадат привид дека се исполнети условите за ОФС Охрид да добие свои претставници во органите и телата на ФФМ.
Против двајцата се поднесени кривични пријави за фалсификување исправа и измама, а предметот е доставен до надлежното јавно обвинителство за понатамошна постапка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата