logo
logo
logo

Анкета: СРБИЈА Е НАЈГОЛЕМ ПРИЈАТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА, а ЕУ најдобар партнер за економија

Vecer | 25.05.2023

Анкета: СРБИЈА Е НАЈГОЛЕМ ПРИЈАТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА, а ЕУ најдобар партнер за економија

Србија со 45,3 проценти е перцепирана за најпријателска земја од граѓаните на Македонија, САД се број 1 во однос на придонесот за демократскиот развој на земјава, а ЕУ се први во однос на придонесот за економскиот развој, покажуваат првичните резултати од анкетата спроведена од ПРЕСПА Институтот во периодот април – мај, на примерок од 1500 испитаници.

Според иницијалните заклучоци, Србија е перцепирана како најголем пријател, најважен критериум се заеднички вредности и „интереси“, не демократијата или економијата. САД, ЕУ и Србија најмногу придонеле за демократскиот развој. За економскиот развој најмногу придонеле ЕУ, Србија и САД, културата, религијата и традицијата се најважни вредности за сите старосни групи, а односите со соседите не се ниту добри ниту лоши.

-Анкетата ни кажува дека Србија продолжува да се качува како најпрепознатлив и најперспективен пријател на нашата држава (споредбено со 14 отсто во 2020 и 38,6 отсто во 2022 година). Најважен критериум за нашите граѓани за тоа кој е пријател или не, се споделуваните интереси и вредности, но не до тој степен и демократскиот придонес или економијата и соработката што ја имаме со таа земја, вели Ивана Јордановска од тимот кој го спроведе истражувањето.

На прашањето генерално гледано, која држава или меѓународен сојуз/унија е најголем пријател на Македонија, по Србија, според анкетата, следна земја најпрепознатлива како пријател е Косово со 9 проценти, САД 6,8, а четврта е Турција со 6,7 отсто. Албанија ја сметаат за пријателска земја 5,6 отсто од испитаниците, ЕУ 5,1 отсто, Германија 1,5, а за НАТО се определиле 1,1 отсто од анкетираните

Од регионот Грција и Црна Гора имаат 0,5 проценти, а за Бугарија се изјасниле 0,2 проценти од испитаниците, колку што се изјасниле и за Кина. Русија ја избрале 1,1 отсто испитаници. Додека 10,3 од анкетираните кажале дека ниту една змеја не ја перцепираат како пријателска, а 3,2 отсто одговориле не знам.

Во поглед на тоа кој има најмногу придонесено за економскиот развој на државава најпрепознатливи се ЕУ со 21,2 отсто, Србија со 15,9 и на трето место се САД со 15,6 отсто.

– Споредено со податоците од минатата година каде Германија фигурира како втор или трет партнер во поглед на економија и демократски развој, тој тренд не го забележуваме оваа година. Германија има паднато со 2,7 проценти кај придонес на демократскиот развој и во поглед на економијата има 10, 7 осто наспороти 26,8 отсто минатата година – вели Јордановска.

На прашањето со која држава или меѓународен сојуз/унија, Македонија споделува најмногу вредности или интересе и следствео на тоа би требало да има најблиски односи, 62, 8 одговориле дека тоа е Србија, следи Албанија со 14,9 отсто и Косово со 2,8 отсто. При тоа 3,1 одговориле ниту една, а 5,8 не знам. Во однос на тоа кои се тие вредности и интереси најголем процент ги посочиле културата, религијата и традицијата, историјата, а потоа економискиот развој.

За 61 процент од испитаниците членството во ЕУ е најдобра опција за државата, 34 отсто дека треба да бараме друга алтернатива. За тоа зошто е ЕУ најдобра опција, за најголем број од нив речиси 90 отсто тоа е економскиот развој и нови работни места, па следат владеење на правото, почитување и заштита на човековите права па антикорупција.

Во однос на тоа зошто треба да бараме друга опција за 49 отсто од анкетираните е дека ќе ни сменат историјата и идентитетот, за 41 процент повеќе губиме одошто добиваме, за 32 проценти имаме различни вредности со ЕУ и за 29 проценти дека ќе го загубиме јазикот.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk