logo
logo
logo

Амбасадори од клучни земји БАРААТ ДИМОВСКИ ДА НЕ БИДЕ ПРАТЕН ВО ПАРИЗ

Vecer | 22.12.2022

Амбасадори од клучни земји БАРААТ ДИМОВСКИ ДА НЕ БИДЕ ПРАТЕН ВО ПАРИЗ

Државниот врв не се собра на консултација дали Виктор Димовски треба да биде испратен за амбасадор во Париз, но затоа се собрале амбасадорите од неколку европски земји побарале тој да не биде испратен за амбасадор.

Амбасадорите на клучните сојузнички земји на Македонија до државниот врв препорачале да се разговара и за нови можни кандидати за амбасадор на Македонија во Париз имајќи ги предвид неодамнешните случувања поврзани со АНБ.

Како што пишува МКД.мк најавената консултација, меѓу претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи за тоа дали по сите скандали во Агенцијата за национална безбедност да се остане на одлуката Виктор Димовски да оди амбасадор во Париз, не се одржа. Но, во ова меѓувреме, се одржале консултации со амбасадите на неколку земји во Македонија , по што е добиена препораката да се најде нов кандидат за македонски амбасадор во Франција.

Виктор Димовски, пред крај на мандатот како директор на АНБ, во март годинава од Владата беше предложен за амбасадор на Македонија во Франција. Неколку месеци потоа изби скандалот со издавањето на македонски пасош на украинскиот и руски државјанин Олександр Онишченко. И покрај неговото криминално досие и тоа што е на црната листа на непожелни личности на САД, Димовски и неговиот тим дале позитивна безбедносна проценка за Онишченко. На тој документ бил потпишан и Зарко Милошевски, наследникот на Димовски на директорското место во АНБ.

Пред пет дена министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека „деновиве треба да се одржи консултација со претседателот на државата Пендаровски и премиерот Ковачевски и да се донесе одлука дали поранешниот директор на АНБ Димовски ќе замине на амбасадорското место во Париз, по случајот со државјанството на Олександр Онишченко.

„Процедурата е до фаза кога треба да помине во Собрание во Комисија за надворешна политика, бидејќи е добиен агреманот, одбранети се тезите и треба да оди во Комисија за надворешна политика. Меѓутоа, како што знаете и претседателот иницираше процес на консултации со мене и со премиерот, за да ја процениме состојбата после овој развој на настани и после ќе донесеме и  одлука. Досега нема донесена одлука по однос на амбасадорот, но верувам наредните денови ќе имаме таква консултација“, изјави Османи.

Тој потенцира дека треба да биде донесена политичка одлука, како и дека нема да се чекаат резултатите од истрагата. „Сигурно дека резултати од истрагата ќе ни помогнат во нашата одлука, но сепак тука се работи за политичка одлука и за политички консултации“, изјави пред пет дена на средбата со новинарите Османи.

 

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk