Косовскиот премиер Албин Курти и тамошниот заменик-министер за инфраструктура завчера при посетата на Тетово, порачаа дека проектот за изградба на патот Тетово-Призрен е меѓу приоритетите на Косово, пишува Алсат.
„Варијантата што ја избравме е онаа со тунел од 6,4 километри. Причината беше овој пат да може да функционира и во зимски услови кога има обилни врнежи од снег. Затоа ја избравме варијантата со долг тунел, но на најниска надморска височина“, рече Хисен Дурмиши, заменик-министер за инфраструктура, Косово.
„Чинењето на овој пат кој е од големо меѓудржавно, национално, регионално и европско значење изнесува околу 200 милиони евра. Три четвртини за тунелот, а останатите за патиштата од двете страни кои го поврзуваат Тетово со Призрен. Значи, тоа не е толку висока цена, а користа е огромна и неизмерна“, рече Курти.
Курти ги повика институциите во земјава да не доцнат со проектот.
Патниот правец е договор меѓу двете влади потпишан од поранешниот премиер Зоран Заев, а подоцна продолжен од актуелниот премиер Димитар Ковачевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата