logo
logo
logo

Кој ќе го разгледува обвинението за трагедијата во дискотеката „Пулс“?

Vecer | 19.06.2025

Кој ќе го разгледува обвинението за трагедијата во дискотеката „Пулс“?

Утре пред Апелациониот суд во Штип ќе се разгледува кој суд ќе го оцени обвинението за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Повод за ова е барањето на Основниот суд Кочани за изземање, бидејќи сите пет судии од Кочани се спречени да постапуваат – тие веќе донесуваа одлуки за мерките за обезбедување за осомничените. Доколку Апелациониот суд се согласи со барањето, може да го пренесе предметот на друг суд со проширена надлежност од штипскиот апелациски регион, потенцијални опции се судовите во Штип и Струмица.

Според член 27, став 3 од Законот за кривична постапка, за водење на постапката може да се определи друг надлежен суд, доколку така полесно ќе се реализира процесот или постојат други причини. Ако ниту еден суд не може да ја преземе надлежноста, Врховниот суд може да одреди префрлање на случајот во друг апелациски регион, како на пример во скопско.

Во петокот обвинителството поднесе обвинение против 34 лица за „Тешки дела против општата сигурност“ по трагедијата во која животите ги загубија 62 млади луѓе, а над 200 беа повредени.

Засега адвокатите на осомничените сè уште не го добиле обвинението. Од Основниот суд во Кочани информираат дека веднаш по приемот на обвинението побарале изземање, по што целата документација е препратена во Штип. Одлуката на Апелациониот суд ќе влијае не само на тоа кој ќе го разгледа обвинението, туку и кој суд ќе го достави на осомничените и нивните избрани бранители.

Меѓу обвинетите се сопственикот на дискотеката и членови од неговото семејство, тројца поранешни градоначалници на Кочани, управителот и обезбедувачи од фирмата за обезбедување, четворица поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, двајца поранешни министри за економија, како и други лица од министерствата и локалните пазари.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk