Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на отворање на нова трафостаница „ТС Централна“ во Скопје.
Мицкоски изјави дека новата енергетска инвестиција во Скопје претставува значаен чекор за зајакнување на стабилноста на електроенергетскиот систем и долгорочниот развој на државата.
Станува збор за проект вреден околу 22 милиони евра, кој опфаќа инфраструктура на 110-киловолтно напонско ниво, со што, како што истакна премиерот, ќе се подобри сигурноста и надежноста на мрежата.
„Оваа инвестиција ќе обезбеди стабилност на системот и ќе отвори перспектива во следните дваесет години да се одговори на сите енергетски предизвици, вклучително и потребите за нови приклучоци и развој на градот“, изјави Мицкоски.
Тој упати благодарност до институциите и компаниите вклучени во реализацијата на проектот, меѓу кои Владата, Министерството за транспорт, Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство, како и компанијата ЕВН.
Премиерот нагласи дека ваквите инвестиции се од клучно значење за зголемување на капацитетите на системот и за овозможување приклучување на нови производни енергетски капацитети.
„Потребите за енергија ќе растат, а нашата цел е Македонија да стане енергетски хаб во регионот“, истакна тој.
Мицкоски додаде дека Владата ќе продолжи да поддржува проекти кои носат додадена вредност и придонесуваат кон поголема енергетска стабилност на државата.
„И за Градот Скопје, но и за државата ова претставува значајно инвестициско дело“, изјави Мицкоски.

„Слушнавте од воведните излагања на говорниците, станува збор за инвестиција од отприлика 22 милиони евра, нешто со коешто ќе се подобри стабилноста на системот, на мрежата, 110 киловолтно напонско ниво, надежноста се разбира, и ќе отвори перспектива за следните отприлика 20-тина години да одговори на сите предизвици од енергетски аспект, приклучни места итн. кои што ќе бидат потребни за развој на Градот Скопје.
Јас би сакал да се заблагодарам на колегите од Владата, на Министерството за транспорт, Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство, на ЕВН, како компанија којашто инвестира во Македонија. Да се заблагодарам на сите оние коишто беа дел од овој проект и да посакаме уште многу инвестиции во енергетиката коишто ќе бидат додадена вредност и коишто ќе овозможат поголема стабилност на системот, поголем капацитет за прифаќање на нови производни капацитети, имајќи предвид потребите коишто во годините коишто ќе следат ќе бидат сè поголеми и поголеми, а ние како земја сакаме да бидеме енергетски хаб во регионот.
Така што, еве уште еднаш и од мое име и од името на Владата, сакам да го истакнам и потенцирам значењето на оваа инвестиција“, посочи Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата