logo
logo
logo

ПОВОРКИ ЌЕ ИМА ВО ПОВЕЌЕ ОД 80 МЕСТА, ЌЕ ЗАСВЕТАТ БОЖИЌНИТЕ ЅВЕЗДИ

Vecer | 06.01.2026

ПОВОРКИ ЌЕ ИМА ВО ПОВЕЌЕ ОД 80 МЕСТА, ЌЕ ЗАСВЕТАТ БОЖИЌНИТЕ ЅВЕЗДИ

Во организација на Здружението „Бадникови поворки“ денеска ќе се одржи Бадниковата манифестација во повеќе од 80 градови и населени места низ Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави.

Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно ќе учествуваат во организацијата на настанот.

Градоначалниците и општинските тимови во претпладневните часови ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини. Потоа, со организиран превоз, децата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во Скопје.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива


Формирањето на поворката ќе започне пред Музејот на Град Скопје од 11:30 до 12:00 часот, каде што на сите деца кои немаат ѕвездичка бесплатно ќе им биде подарена Божикна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божикна порака – симболичен спомен од Бадникови поворки 2026.

За дечињата од Општина Кисела Вода собирот е закажан во 11:15 часот кај локацијата „Рампа“ во Кисела Вода, каде најмладите ќе бидат пречекани со божикни ѕвездички. По собирот, учесниците заедно ќе продолжат кон Музејот на Град Скопје, каде во 12:00 часот ќе се приклучат на поворката исполнета со детска песна.

Точно во 12:00 часот, поворката пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ ќе тргне по улицата „Македонија“ и ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената кај Божикната пештера.

По пристигнувањето на поворката на плоштадот „Македонија“, ќе следува „Божикната авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо, со повеќе од 40 музичари, пејачи, актери и учесници од „Златно славејче“. Мјузиклот е реализиран под уметничко раководство на Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска, и преку музика и сценска приказна ја пренесува пораката за Рождеството Христово.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки ќе остварат празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи ја радосната вест за Христовото Рождество.

Здружението „Бадникови поворки“ ги поканува сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на Бадниковите поворки 2026, без потреба од претходно пријавување.

Веќе 16 години, Бадниковите поворки претставуваат симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во земјава и пошироко.

Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и од Град Скопје.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk