logo
logo
logo

ВМРО ДПМНЕ е денешна визија на долгата патека на ВМРО за македонската свест за свој народ, и своја држава

Vecer | 17.06.2025

ВМРО ДПМНЕ е денешна визија на долгата патека на ВМРО за македонската свест за свој народ, и своја држава

ВМРО-ДПМНЕ е продолжение на историското ВМРО, основана во 1893 година, кога нашиот народ, иако под туѓи потчинувања и притисоци, се бореше за свој идентитет, за слобода, за правда. Ние сме оние што ја продолжуваме таа светла и чесна мисија, кои не ги забораваме корените, ни темелите на кои е изградена македонската државност.

Не треба никој да заборави дека тоа се темели изградени со човечки страдања, со крикот на илинденците и победата на АСНОМ-ците, со заветот на комитите и војводите, со плејадата мажи и жени кои гинеле за нашата слобода, кои поразите ги надминувале со пркост, а до победите доаѓале со надеж и непобедлива волја, порача вечерва од Хераклеја премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Во обраќањето по повод јубилејот – 35 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски напомена дека овој ден не е само празник, туку е и повик на одговорност, повик на надеж и заедништво.

– ВМРО-ДПМНЕ е легитимен и идеолошки наследник на ВМРО. Она што оваа партија ја разликува од другите е нејзината непоколеблива вера во народот, во неговите вредности и во правдата како наш најсилен стожер. И затоа овие бели и мудри глави кои денес се заедно со нас, но и многумина кои веќе не се со нас, но чие дело го паметиме, ја потврдуваат историската грамадност на оваа организација која постоела, постои и ќе продолжи да постои за нашата единствена и најголема кауза – Македонија – потенцира Мицкоски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од политичка организација. Таа е жив дух, потекло и продолжение на македонската борба за слобода и правда, партија која стои на темели на храброст, достоинство, родољубие и чесност, партија во чии штабови и на чии настани се уште се живи приказните и се раскажува за жртвата на Христо Узунов, се поклонува пред делото на Гоце Делчев, се памтат херојските дела на Александро Турунџев, Ѓорче Петров, Никола Карев.

– На овие темели градиме иднина. И затоа денеска, во ова време на надеж, ви велам – ВМРО-ДПМНЕ е светилникот што ја осветлува темнината која долго време ја покриваше нашата земја. Во растежот на партијата, во нашите порази и победи се вклучени многу наши браќа и сестри. И оние кои се наши истомисленици, но и оние кои размислувале различно, но сепак ги споделуваат нашите идеи и во чии срце е ВМРО, сакам да испратам благодарност за нивната преданост и нивната искрена желба за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ за многумина е партија, но и за многумина од нас е пред сѐ идеја што не запира и вредности кои носат промени. Тие промени ја донесоа независноста, таа жед за своја држава донесе да учествуваат во создавањето на темелите на државата, кои многупати потоа беа силно разнишувани, разјадувани и уништувани. Но, ние не се откажвме зашто верувавме во нашата идеологија и зашто ја сакаме нашата татковина – нагласи партискиот лидер и премиер.

Како што подвлече Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ги носи и товарот и светлината на една борба што трае повеќе од век и половина.

– Со неизмерна чест и одговорност стојам пред вас на овој ден кога одбележуваме 35 години од основањето на нашата партија — нашата голема, наша вечна идеја. Идејата која не прекинува, која не паѓа, која гори во срцата на секој од нас. Нашата партија, како легитимен и идеолошки наследник на историското ВМРО од 1893 година, ги носи товарот и светлината на една борба што трае повеќе од век и половина, од првите денови на Внатрешната македонска револуционерна организација која се крена против неправдата и угнетувањето па до денес, кога ние се бориме против невидливи, но не помалку опасни непријатели – корупцијата, предавствата и уништувањето на институциите – рече Мицкоски.

Одбележувањето на партискиот јубилеј е под мотото „Идеја што не запира, вредности што носат промени“, а се одржува во Хераклеја Линкестис кај Битола. 

“Она што Филипче го направи во Атина само не потсети дека кодошењето на сопствената земја не е туѓо и не смее да се заборави, за да не се повтори, како и дека Филипче во Атина е исто што и Заев во Атина и Софија заедно, истакна вечерва премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во обраќањето по повод јубилејот – 35 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ..

Според Мицкоски, Македонија веќе нема да биде земја на понижување и предавство. Нејзината надворешна политика е достоинствена, принципиелна и базирана на заштита на нашата заедничка историја, култура и идентитет. Не можеме да дозволиме, нагласи, да не кодошат во странство оние кои треба да бидат чувари на националните интереси и да не мислат дека ветувањата за отстапки, деградации и понижувања ќе ги донесат повторно на власт. Народот е свесен и нема да дозволи повторно да биде измамен.

- Не можеме да молчиме пред однесувањата на лидерот на опозицијата, пред неспособноста и предавствата кои со зачуденост јасно ги гледаме. Народот веќе ја знае вистината. Ние сме сведоци на тоа дека македонската жица на овие политичари свири само кога ќе се објави тендер или лична корист. Ова се нови времиња, кога народот има очи да гледа и памет да не биде излажан. Ние нема да дозволиме да се повтори истата приказна. Ќе ги држиме на одговорност сите кои ќе се обидат да ја злоупотребат довербата на граѓаните. Секој ќе одговара пред законот, подвлече Мицкоски.

Оваа борба, напомена, не е за политички поени.

-Ова е борба за нашите деца, за нивната иднина, за достоинствен живот во сопствената татковина, нагласи Мицкоски во обраќањето.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk