logo
logo
logo

Опозицијата сега бара повеќе пари за реклама и гласање во ДИК со консензус

МИЦКОСКИ ПРИФАЌА ГЛАСОВИТЕ НА ДИЈАСПОРАТА ДА ДОАЃААТ ПО ПОШТА И ДА ИМА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА

Vecer | 05.07.2026

МИЦКОСКИ ПРИФАЌА ГЛАСОВИТЕ НА ДИЈАСПОРАТА ДА ДОАЃААТ ПО ПОШТА И ДА ИМА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА

Некои политички партии, свесни за поразот на следните парламентарни избори, постои страв и поради тоа се обидуваат да го бојкотираат донесувањето на измените на Изборниот законик, односно го бојкотираат процесот земјата да испорача десет од десет индикатори од Реформската агенда, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска за време на посетата на Кавадарци.

-Очигледно е дека кај тие политички партии, свесни за поразот на следните парламентарни избори, постои страв и тие се обидуваат да го бојкотираат процесот за да не испорачаме десет од десет индикатори од Реформската агенда. Во ред девет од десет ќе има, а единствениот преостанат е Изборниот законик. Ние не сакаме тој да се носи со европско знаменце, ниту целиот процес да биде некако изнасилен. Мислевме дека имаме работа со зрели и одговорни луѓе кои се грижат за иднината на земјата, но очигледно е дека партиските интереси, партиското политичко мочуриште, финансиските интереси и некои други интереси се пред и над се ние тука не можеме да помогнеме, но по вчерашниот состанок се помалку сум оптимист – рече Мицкоски.

Тој нагласи дека и вчера како политичка партија јасно го изнеле ставот оти гласањето на дијаспората е нешто што за нив претставува стратешка цел.

Од друга страна, додаде премиерот, дел од политичките партии излегле со сосема радикализирани позиции.

-Едната позиција беше да се гласа во рамките на Државната изборна комисија со консензус, нешто што за нас не е прифатливо. Тоа е позиција која некој ја поставува за да нема договор. Второ, политичката партија Левица излезе со барање за повеќе средства за кампањата, односно да има повеќе пари за рекламирање, како и да има една изборна единица, од СДСМ ги знаете барањата и така натаму. Нашиот став е јасен. Сакаат повеќе пари? Добро, нека има помалку за нас, а повеќе за нив. За тоа сме согласни. Согласни сме и да има една изборна единица. Подготвени сме да ги прифатиме сите барања на СДСМ и на коалициските партнери на СДСМ. Немаме никаков проблем – изјави Мицкоски.

Но принципиелно, додаде тој, никој не одлучува со консензус, освен во еднопартиски систем.

-Во демократијата, мнозинството ја носи одлуката. Тоа е суштината на демократијата. Ние не сме консензуална држава, ниту еднопартиски систем, па сите одлуки да се носат со консензус. Тоа е едното. Второ, мораме да најдеме начин. Ние на маса го претставивме и нашиот предлог – да се гласа по пат на пошта, со писма, како што тоа е овозможено во неколку десетици земји-членки на Европската Унија. Значи, подготвени сме да прифатиме, се да прифатиме и една изборна единица, како и поголем буџет за оние партии што не се дел од четирите најголеми. Нека има, нека се рекламираат ако сметаат дека тоа им е важно, само да го донесеме Изборниот законик – рече Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk