Струмичката полиција се консултирала со јавен обвинител во врска со заканите кон новинарот Драган Павловиќ Латас што му ги упати градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
– Од страна на СВР Струмица за конкретниот случај се направени консултации со јавен обвинител. Од обвинителот се дадени насоки дека за да постојат елементи на кривичното дело Загрозување на сигурноста по член 144 од Кривичниот закон, по кое би постапувала полицијата, потребно е да има поднесено писмена пријава од лицето дека истото се чувствува загрозено – велат од полицијата за Плусинфо.
Од Јавното обвинителство велат дека досега до нив нема пристигнато кривична пријава во врска со овој случај.
– До овој момент до Основното јавно обвинителство Струмица не е поднесена кривична пријава од оштетен, ниту е доставено известување од органите кои се надлежни за откривање и за документирање на сомненијата за кривични дела сторени на интернет – велат од Јавното обвинителство.
Обвинителството има назначени обвинители кои постапуваат во случаи кога е загрозена сигурноста на новинарите, но за да постапуваат, потребна е пријава.
– Назначените јавни обвинители имаат овластување да го следат постапувањето во предметите по поднесени кривични пријави во кои се оштетени новинари, а не самите да постапуваат по такви предмети. Такви јавни обвинители се назначени во обвинителствата во Скопје, Битола, Тетово и во Штип, односно во оние обвинителства каде што се евидентирани повеќе вакви предмети – велат од ЈО.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов вчера ја повика целата своја фамилија да му се одмаздат на новинарот Латас „според нивните закони“ затоа што се осмелил да го спомене неговиот татко.
Државното обвинителство да не се вади на полицијата
Државното обвинителство обвинителство е тоа кое треба прво да реагира, а не да се „вадат„ на полицијата.
Законот за кривична постапка на С. Македонија го споменува правото за постапување по допрен глас, и тоа во делот на „Предистражна постапка“ и членот кој е за повод за поведување кривична постапка.
„Јавниот обвинител и правосудната полиција за сторено кривично дело дознаваат со непосредно забележување, по допрен глас или по примена кривична пријава“, пишува во законот.
Инаку по „допрен глас“ се смета секое отворање на предистрага или истрага која не доаѓа со поднесување пријава. Сомнежи може да им се отворат на правосудните органи ако сами дознаат нешто или пак најчесто кога медиумите пишуваат, во случајов за заканите по живот на градоначалникот Костадин Костадинов кон новинарот Драган Павловиќ Латас.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата