logo
logo
logo

КРАЈ НА 30-ГОДИШНИОТ КОШМАР ЗА ДРАЧЕВО -Трасата за новиот булевар „Борис Трајковски“ е речиси целосно пробиена!

Vecer | 14.07.2026

КРАЈ НА 30-ГОДИШНИОТ КОШМАР ЗА ДРАЧЕВО -Трасата за новиот булевар „Борис Трајковски“ е речиси целосно пробиена!

Град Скопје соопшти дека градежните работи се одвиваат според планираната динамика, а по завршувањето повеќе од 100.000 жители ќе добијат модерен булевар со четири ленти, велосипедски и пешачки патеки.

Градежните работи на булеварот Борис Трајковски кон Драчево се одвиваат со засилено темпо, а трасата е речиси целосно пробиена, соопштија од Град Скопје. Станува збор за еден од најголемите инфраструктурни проекти во главниот град, кој со години беше меѓу најголемите барања на жителите од овој дел на Скопје.

Од Градот велат дека проектот се реализира според предвидената динамика и дека по неговото завршување повеќе од 100.000 жители ќе добијат современ и побезбеден булевар со четири сообраќајни ленти, пешачки патеки и велосипедска инфраструктура.

„Во рамките на проектот, трасата е речиси целосно пробиена, додека паралелно се реализира изградба на нова атмосферска канализација, со што трајно ќе се надминат долгогодишните проблеми со одводнувањето во овој дел од градот. Реализацијата на овој капитален проект претставува конкретен чекор кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, намалување на сообраќајниот метеж и создавање модерна и функционална сообраќајна инфраструктура“, соопштија од Град Скопје.

Од таму потсетуваат дека булеварот Борис Трајковски повеќе од три децении беше симбол на неисполнети ветувања, недовршени работи и секојдневни сообраќајни проблеми.

Со завршувањето на проектот се очекува значително да се подобри проточноста на сообраќајот кон Драчево, како и безбедноста за возачите, велосипедистите и пешаците.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk