logo
logo
logo

НЕ ПОМИНА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА за Иван Стоилковиќ!

Vecer | 10.01.2025

НЕ ПОМИНА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА за Иван Стоилковиќ!

Со 7 пратеници „за“ и 52  „против“ не помина ниту интерпелацијата за потпретседателот во Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ. Иницијативата за разрешување ја покрена опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ, но не доби поддршка од останатите парламентарни групи.

Најголемата опозициска партија СДСМ соопшти дека нема да ги поддржи интерпелациите и ја напушти денешната собраниска седница бидејќи смета дека „нема потреба од нови поделби по етничка основа“. Поддршка не даде ниту пратеничката група на Левица, како и партиите од владејачката коалиција – ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.

Стоилковиќ од собраниската говорница во интерпелацијата препозна „срамен обид на ДУИ да се врати на власт“ и порача дека наместо да шират омраза, да предизвикуваат меѓуетнички тензии и да предизвикуваат нестабилност треба да се запрашаат уште колкумина од нивните редови ќе се најдат на црната листа.  

Интерпелацијата за Стоилковиќ ја образложи пратеничката Дијана Тоска, која како една од причините за ваквиот потег ги наведе случувањата од 28 ноември кога се одбележуваше Денот на албанското знаме. Инаку, како што и претходно соопштија од ДУИ, очекувано беше нивната острицата главно да биде насочена кон вицепремиерите Стоилковиќ и Меџити. Од партијата упатија обвинувања дека Стоилковиќ бил верен поддржувач на „српскиот свет“ и докажан пропутинист, кој се истакнува во поткопувањето на интегритетот и независноста на земјата.

„Нашата иницијатива за разрешување на Стоилковиќ не е само спротивставување на него како поединец, туку неопходна акција за заштита на Македонија од политиките кои го поткопуваат единството и стабилноста“, соопштија претходно од ДУИ.

ДУИ долго глумеше жртва, сега глумат дека се обесправени со цел да предизвикаат емоционална врска со нивните бирачи за полесно да влијаат со оглед на тоа дека не чекаат избори. Истото го правеа и во 2016, па станаа прогонители, ама заборавија дека ѓаволот ќе дојде по своето, а наплатата стигна летово кога заминаа во опозиција. Некако не успеавте да ги ускладите приказните и глумата за жртва и глумата за прогонители, па сега за да го затворите триаголникот на Карпман се претворате во спасители. Ќе го спасувате албанскиот народ од плачење и гушење на нивните права, но немате пример со кој можете да го поткрепите тоа. Ќе го спасувате и албанскиот јазик, а тој не е нападнат од никого, освен од претходната власт која во заминување остави неколку замки за сега да собира поени решавајќи ги наводните проблеми. Она за што сакам да ви оддадам признание дека навистина понекогаш се трудите да креирате виртуелна реалност во која сами создавате проблеми кои не постојат, и сами се обидувате да ги решите претставувајќи се како фактор во опозицијата од која долго нема да излезете“, порача Стоилковиќ и додаде дека навистина се чувствува неспособен, но за да биде корумпиран.

„Се чувствувам хендикепиран како не можам да бидам корумпиран и криминалец, еве се извинувам пред целата јавност“, рече во одговорот до пратеничката Тоска, потпретседателот и министер Стоилковиќ и ја праша дали тоа што за време на нивното владеење и неговиот претходник на невладиниот сектор секоја година се доделувале по 200 милиони денари еднонационално може да се нарече еднаков третман на етничките заедници.

Гласањето за поднесените интерпелации треба да заврши најдоцна до полноќ, а како и за Меџити и Стоилковиќ очекувањата и за останатите се дека нема да добијат поддршка од мнозинството пратеници во Собранието.

Како прва точка на дневен ред на денешната седница беше интерпелацијата за пратеничката Илире Даути од Европскиот фронт која беше поднесена од Левица бидејќи како претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади одбива да закаже седница за Законот за бранители. Оваа интерпелација беше изгласана со 61 глас „за“ и 22 „против“. Покрај Левица, поддршка дадоа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk