Од ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека Државна лотарија во периодот кога со институцијата раководел Перпарим Бајрами, а под политичко покровителство на Артан Груби, функционирала како „приватна фирма“, при што, според партијата, биле направени финансиски злоупотреби вредни речиси 1 милион евра.
Опозициската партија тврди дека СДСМ ги толерирала овие злоупотреби со цел да се зачува владејачката коалиција и да се остане на власт, повикувајќи се на наоди содржани во извештај на Државниот завод за ревизија.
Според соопштението, Државна лотарија директно исплаќала аванси за мали добивки на деловни соработници, односно на 320 правни лица, во износ од околу 14 милиони денари, без да се користи пропишаниот „Мастер дилер“.
Од таа сума, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, за околу 13 милиони денари, односно нешто повеќе од 210.000 евра, документацијата била неуредна, невалидна или воопшто недостасувала.
Партијата посочува и на спорна и неверодостојна документација во делот на готовинските одливи во износ од 36,5 милиони денари, што е околу 600.000 евра, како и кај приливите од близу 8 милиони денари, односно околу 130.000 евра.
Во соопштението се наведува и дека во периодот кога, според нив, се случувале овие злоупотреби, во Државна лотарија немало внатрешен ревизор.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали СДСМ свесно замижала пред, како што велат, криминал тежок речиси 1 милион евра, како и колку пари завршиле во џебовите на Артан Груби и Перпарим Бајрами.
Партијата бара Јавното обвинителство да отвори постапка и да истражи каде завршиле средствата, наведувајќи дека молкот на СДСМ отвора сомнеж за можна соучесничка улога со цел да се одржи коалицискиот мир.
Во соопштението се додава дека поради предмети кои, според ВМРО-ДПМНЕ, се чуваат во фиока и се заташкуваат од страна на обвинителството, неопходни се реформи во правосудниот систем, со цел законите да важат подеднакво за сите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата