Кумановци, вечерва со почеток во 20 часот на градскиот плоштад ќе оддадат почит на починатите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, информираа денеска од општина Куманово.
Во знак на сеќавање и почит кон прерано згаснатите животи во трагичниот настан во Кочани, на кумановскиот градски плоштад, ќе се одржи достоинствен помен „Срце за 63 светлини“, со поддршка на Фондацијата за култура и спорт Куманово и Општината.
Ѕвезденото небо ќе биде посветено на 63 -те ангели, со праќање на порака и поддршка до семејствата на жртвите, искажувајќи сочувство во нивната болка, меѓу нив и на кумановецот Филип Стевановски. Пред трагичната смрт, Стевановски беше директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Роден во Куманово, Стевановски беше уметнички директор на „Џез фестивалот“, продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистер по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“-Штип.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата