Од билансите на деловните банки за работењето и успесите во првите три квартали од годината, односно по девет изминати месеци од 2025, може да се заклучи дека нема значително ниту зголемување, ниту намалување кај приходите од провизиите, откако Народна банка во јули побара да поевтинат услугите во платниот промет.
Појасна слика за тоа дали тарифите на платежните услуги се намалиле на барање на гувернерот и централната банка евентуално ќе може да има кога ќе се споредат кварталните работења со тие од следната година.
- Нето-приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2025 година изнесуваат 904 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат зголемување од 3,3 отсто, во најголем обем како резултат на зголемен обем на работење со картички. Планот за анализираниот период е остварен со 102,7 проценти, извести Комерцијална банка во своето тукушто објавено резиме за постигнатите резултати од работењето во изминатите три квартали од 2025 на Македонска берза.
Коментар за евентулно влијание на намалувањата на надоместоците во платниот промет немаше ниту во она што го изнесе НЛБ банка во делот на наплатата на провизии. Сепак се споменува дека бруто-приходите кај оваа ставка се намалени.
- Нето приходите од провизии се повисоки за 1,7 отсто споредено со претходната година. Подобрената ефикасност се должи на поголемото намалување на расходите за провизии и надомести од 5,5% при намалување на приходите од провизии од 1,0%, резимира НЛБ банка.
Кај ТТК банка, како помала банка, во овој период имало зголемување на овој приход, но не толку колку што се очекувало.
- Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во анализираниот период изнесуваат 125 милиони денари. Со состојба на 30.9.2025 година, приходите од провизии бележат годишно зголемување од 4,4 %, што се должи, пред сè, на зголемувањето на провизиите од кредитирање и провизиите од платен промет во земјата и во странство. Доминантно учество во генерирањето на приходите од провизии има платниот промет во земјата со 47,8 %, како и провизиите од картично работење со 34,1 %. Во однос на планот, нето-приходите од провизии за овој период од годината се остварени со 92,7 %, соопшти банката пред берзата.
Гувернерот Трајко Славески изминатото лето порача дека новиот модел на МИПС ги поедноставува и ги намалува трошоците на банките за порамнување на трансакциите кај Народната банка и дека очекува тоа намаллување да се одрази на поевтинување на платежните надоместоци на банките за граѓѓаните и правните лица..
- Да се овозможи значителен пристап до секој полнолетен граѓанин до услугите на платниот систем за извршување трансакции кои се дел од секојдневното живеење мора да има и таков тртеман. НБ во соработка со други државни органи, Владата, парламентот, има начини, идеи, како во случај на повторно неследење на сигналите би постапила во иднина, изјави гувернерот по средбата со 13-те банки во јули.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата