logo
logo
logo

Еве кога ќе дознаме КОЈ ЌЕ БИДЕ СЛЕДНИОТ ДРЖАВЕН ОБВИНИТЕЛ

Vecer | 07.03.2026

Еве кога ќе дознаме КОЈ ЌЕ БИДЕ СЛЕДНИОТ ДРЖАВЕН ОБВИНИТЕЛ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека неделава се очекува да завршат консултациите и Владата да излезе со предлог-име за нов државен Јавен (Државен) обвинител.

Следнава недела очекуваме да финишираат консултациите и да излеземе со предлог име кое ќе го испратиме до Парламентот – рече Мицкоски одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на нов кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Советот на јавните обвинители даде позитивно мислење за четворица од петтемина кандидати за функцијата државен јавен обвинител. Поддршка добија актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова‑Исајловска, обвинителките Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ, како и судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски.

Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, беше исклучен уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите поради неисполнување на критериумот за непрекинат работен стаж.

А кои беа досега

Во последните 25 години во земјава неколку пати се сменија партиите на власт. Во 2002 година, кога дојде СДСМ, тогашниот обвинител, Ставре Џиков, беше разрешен под обвинувања за нестручно и несовесно вршење на функцијата, а пратениците го обвинија дека работел во интерес на претходната власт. Во портфолиото на Џиков ќе остане запишано дека во периодот на воениот конфликт во 2001, ги покрена истрагите и обвиненијата за воени злосторства против ОНА и ја започна соработката со хашкиот трибунал.

Џиков го замени Александар Прчевски, кој од претседателското столче во Битолскиот суд седна во обвинителската фотеља. Но, истото што му се случи на неговиот претходник, го доживеа и Прчевски. Во 2006 година, само еден месец по преземањето на власта, владата на Никола Груевски иницираше постапка за негово разрешување. Тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваа за пропусти во работата и за политичка пристрасност кон СДСМ. Ќе остане запамтен по изјавата: „Веројатно јас сум последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител.

По неговото разрешување, тогашното мнозинство го избра Љупчо Шврговски, за кој тврдеше дека има богато обвинителско искуство. Сепак, тогашната опозиција му замеруваше дека е близок со Сашо Мијалков, кој во тоа време беше на чело на тајната полиција. Подоцна, кога Мијалков седна на обвинителна клупа, токму Шврговски беше негов бранител. Љупчо Шврговски остана запаметен како единствениот државен обвинител кој го издржа целиот шестгодишен мандат без да биде предвреме разрешен.

По истекот на мандатот, Шврговски не изрази амбиции за нов, а на негово место беше именуван Марко Зврлевски, дотогашен шеф на Основното јавно обвинителство – Скопје. Зврлевски беше критикуван за неефикасност и недоволна иницијативност во отворањето на големи корупциски афери како „Скопје 2014“, „Актор“, „Македонска банка“ и „Маѓартелеком“. Најостри критики доби за неговата улога во случајот „Пуч“, како и за начинот на кој ја водеше истрагата за 27 април кои беа од висок политички интерес за тогашната власт на СДСМ и ДУИ.

По доаѓањето на власт во 2017, една од првите работи кои ги направи СДСМ беше разрешувањето на Зврлевски. Нов обвинител стана Љубомир Јовески. И тој како и Шврговски истера два цели мандати. А тие му беа турбулентни - од политичките превирања околу новиот Закон за јавно обвинителство, преку аферата „Рекет“ и затворањето на СЈО, до скандалот со прислушувањето на телефонската централа во обвинителствата. Кулминација беше неговата кавга со тогашната шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

Откако се пензионираше, пред 14 месеци, на негово место дојде Љупчо Коцевски. По смената на власта лани, новата Влада поведе постапка за негово разрешување, обвинувајќи го дека не сторил доволно во борбата против криминалот и корупцијата, а како последен пример ја посочија спогодбата со Иџет Мемети и Наќе Георгиев, кој беа обвинтети за примање поткуп, но поради спогодбата добија мали казни.

Македонија го очекува 19-тиот државен јавен обвинител од втората светка војна до денес.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk