Поднесена екривична пријава за струшкиот градоначалник Менди Ќура поради несовесно работење во службата - за в.д. директор на струшки „Водовод" назначил лице без соодветно образование и сертификат за познавање на англиски јазик, кое притоа не исполнувало ниту услови од Законот за јавни претпријатија.
Со тоа, како што велат од МВР,му овозможил како директор противправно да оствари парична корист по основ на плата и придонеси.
,,Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против градоначалникот на општина Струга М.Ќ.(65) од селото Биџево, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. На 18 ноември 2025 година, во својство на градоначалник на општина Струга, спротивно од Законот за јавни претпријатија, донел одлука за именување на вршител на должност директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Струга, со која го назначил М.Ј. од Струга и покрај тоа што знаел дека нема соодветно образование и соодветен сертификат за познавање на англиски јазик и не исполнува повеќе услови од Законот за јавни претпријатија, информира МВР.
Од кабинетот на Ќура за тв 24 велат дека назначувањето на Меџаит Јусуфоски како вршител на должност е направено во согласност со законот, како внатрешно и итно решение, во момент кога ЈП „Водовод и канализација било на работ на колапс. Можеби немал сертификат за англиски јазик но успеал за само три месеци ги удвои приходите на претпријатието и да ја стабилизира состојбата, додаваат и дека повеќе од еден месец претпријатието функционира со нов директор.
Инаку и претходниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко заврши на суд поради назначување директори на училишта кои немаа соодветни дипломи и сертификати. Помина со парична казна во висина од 10 илјади евра. Според судот, немаше основа за ефективна затворска казна.
Во меѓувреме нова кривична заработи и поранешниот кичевски градоначалник Фатмир Дехари. Го оштетил Буџетот на Општина за над 1,6 милиони евра преку сомнителен договор за јавно-приватно партнерство за осветлување, доделен на фирми блиски до него.
,,Во периодот од април 2021 година до ноември 2025 година во рамки на подготвувањето, распишувањето и спроведувањето на Договорот за јавно приватно партнерство за модернизација на системот за јавно улично осветлување на ЕЛС Општина Кичево, склучен на ден 08.11.2021 со конзорциум од три правни лица две од Кичево и едно од Гостивар прекршил законски одредби содржани во Законот за концесии и Јавно приватно партнерство, како и одредби содржани во Законот за јавни набавки. И на тој начин како договорен орган практично преземал противправни дејствија со цел Договорот за модернизација на уличното осветлување во град Кичево да го додели на нему блиски лица, а со намера за стекнување на противправна имотна корист од големи размери." - МВР.
За Дехари само во период од неколку месеци од крајот на 2025 – до почеток на годинава евидентирани се најмалку три кривични пријави. Сите главно се однесуваат на финансиски злоупотреби и прекршување на законите за вработување и јавни набавки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата