Освен почетокот на изградбата на експресниот пат Куманово-Страцин како дел од Планот за раст, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител најави нов тендер за изработка на студии за изградба на експресен пат Кочани-Виница-Делчево, како и за експресен пат Радовиш-Струмица.
Со ова, Mакедонија влегува во период на интензивни инвестиции во експресната патна мрежа. Според Николоски, овие инвестиции ќе придонесат за рамномерен развој низ сите региони.
– Експресниот пат Куманово-Страцин е дел од Планот за раст со Европската Унија, ќе има и ИПА компонента, така што очекувам до следната година заедно со Европската Унија да ги завршиме сите документи и да почне и таму да се гради. Добро е што таму експропријацијата е завршена, одиме на проектирање и на изградба – изјави Николоски.
Во однос на плановите за изградба на нови експресни патишта, тој најави:
– Во соработка со директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, објавуваме тендер за сите потребни студии за експресен пат кој ќе оди Кочани-Виница-Делчево, а за скоро време ќе излезе и за експресниот пат Радовиш-Струмица.
Според него, овие проекти покажуваат дека државата не инвестира само во автопатски делници, туку паралелно работи и на развој на современа мрежа на експресни патишта која ќе обезбеди побрзо и побезбедно поврзување на регионите.
– Тоа значи дека сериозно ќе се инвестира покрај во Централна и Западна Македонија и во Источна Македонија, истакна Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата