logo
logo
logo

Ѓорѓиевски: 13 Ноември е симбол на храброст, достоинство и слобода на Скопје

Vecer | 13.11.2025

Ѓорѓиевски: 13 Ноември е симбол на храброст, достоинство и слобода на Скопје

По повод Денот на ослободувањето на Скопје – 13 Ноември, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, утрово одржа традиционална средба со претставници од Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.

Ѓорѓиевски им се заблагодари на присутните за нивната пожртвуваност и посветеност во негувањето на сеќавањето на борците кои го положија животот за слободно Скопје.

– На денешен ден, Скопје ја дочека слободата донесена од 42-та и 50-та народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та македонска бригада, по неколкудневни тешки борби со фашистичкиот окупатор. Тие херои се бореа за идеја, за достоинство, за иднина, за Скопје какво што денес го имаме. Нашата должност е да ја чуваме нивната жртва жива, со тоа што ќе го градиме Скопје како град на слободни, горди и обединети луѓе, истакна Ѓорѓиевски.

Градоначалникот додаде дека 13 Ноември е датум кој не само што потсетува на храброста на генерациите пред нас, туку и нè обврзува сите да продолжиме да го градиме Скопје како модерен, достоинствен и слободен град.

– Вечна слава на хероите кои го донесоа 13 Ноември. Слава на борците за слободно Скопје! – порача градоначалникот Ѓорѓиевски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk