Премиерот нагласи дека постои политички консензус околу измените на Изборниот законик, кои се дел од барањата во Планот за раст. Во однос на забелешките на дел од невладините организации дека прагот за собирање потписи е премногу висок, тој го спореди македонскиот модел со некои европски земји.
Во Германија, за влез во Бундестагот, потребни се потписи од 5 проценти од гласачите, а во некои држави тој процент е 3,4 и повеќе. Внимателно ги анализираме сигналите и носиме најдобри решенија за граѓаните, а не за поединци или невладини организации.
Од друга страна, граѓанските организации апелираат на различна европска пракса и истакнуваат дека ваквите измени би ги елиминирале независните кандидатури од политичкиот процес. Елмедина Абдулахи од иницијативата „Подобро за Тетово“ посочи:
Во најголемиот дел европски држави, за независна кандидатура се потребни околу 200 потписи. Кај нас во Тетово се бараат 800.
Новиот предлог повторно ја воведува процентуалната пресметка на потписи според бројот на избирачи, но задржан е висок праг за кандидатура во Град Скопје – 3.500 потписи. Граѓанскиот сектор го оценува ова како противуставно и бара измените да не се усвојат, туку да се подготви нов закон.
Пратениците од власта и опозицијата кои ги предложија измените предупредуваат дека ако законот не биде изгласан, би се создала правна празнина и независни кандидати воопшто нема да можат да учествуваат на избори, бидејќи Уставниот суд ги поништи членките со повисоки барања за потписи. Поради спротивставување од ДУИ и Левица, измените не добија мнозинство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата