Полицијата приведе две лица од селото Црнилиште, општина Долнени, по сериозен инцидент што се случил при обид за спречување на бесправна сеча во атарот на селото Стровија. Според информациите од МВР, припадници на шумската полиција од Прилеп затекнале двајца мажи, Т.Т. (33) и Џ.Т. (59), како нелегално сечат огревни дрва, по што ситуацијата брзо ескалирала во физички напад.
Наместо да се предадат, двајцата дрвокрадци се однесувале крајно агресивно кон службените лица. Инцидентот станал критичен кога еден од напаѓачите со вклучена моторна пила се залетл кон шумски полицаец, директно загрозувајќи го неговиот живот. По нападот, сторителите успеале накратко да побегнат од местото на настанот.
Брзата реакција на полициските службеници од Ропотово резултираше со нивно пронаоѓање и лишување од слобода во нивното родно село. Од полицијата најавуваат дека по целосно документирање на случајот, против двајцата напаѓачи ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави за напад врз службено лице и бесправна сеча.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата