Скопје денеска одбележува 80 години од Денот на ослободувањето во Втората светска војна.
На денешен ден во 1944 година борците од 42. и 50. Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација за време на Втората светска војна
Делегации од институции и организации ќе оддадат почит и ќе положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел на Алејата на заслужните граѓани во Бутел и на споменикот „Ослободители на Скопје“ на платото пред владината зграда, а најавени се повеќе манифестации, работилници, изложби, промоции.
Скопје го бранела една дивизија на германските елитни единици, и засега непознат број на балистички единици, посебно ангажирани да ја минираат браната на Матка, со што би се поплавите улиците на градот кој се ослободувал. Единиците на НОБ броеле 500 лица од кои 100 партизанки.
Ослободувањето на Скопје е планирано кон крајот на август 1944 г. Тогаш почнало и масовно префрлање на градската младина во единиците на македонската војска
Битката за ослободување на Скопје, претставувала многу сложена операција, бидејќи за да биде успешна од голема важност биле успесите на партизанските бригади во битките во другите градови. Крајна цел била да се поврзат 50та дивизија која била во реонот на Штип со 42та дивизија која била на Сува Гора, за да можат заедно да нападнат во Скопје. 50та дивизија незначително задоцнила (еден ден) на позицијата за нивно спојување, во реонот на Велес. Нивното доцнење се должело на силниот отпор кој го дале Германците во реонот на Штип, каде 5та бугарска дивизија воопшто не учествувала како што било договорено и планирано, туку пасивно ги запоседнале позициите кај Злетовска Река, без да учествуваат во битките за ослободување на Штип и реонот околу градот.

Со вакви предуслови, ослободувањето на Скопје останало да се изврши со пешадија и улични борби (без употреба на артилерија) кои зависеле исклучиво од храброста и моралот на македонските војници. Во борбите за Скопје заробени биле голем број Германци како и нивното вооружување (топови од разни калибри, митралези и најразновидна техника).
Во Качаничката Клисура дејствувала Шеснаесеттата македонска ударна бригада која секојдневно била во судир со балистите и Германците (бригадата Angel miller) на комуникацијата Скопје – Качаник.
Скопје главно било окупирано од 22та пешадиска дивизија со 47от и 65от германски полк, некои делови од 11та воздухопловна полска дивизија, како и помали единици и борци од армиската група Е. Поголемиот дел на германските сили биле распоредени на десниот брег на реката Вардар, а нивните помошни сили од спротивната страна во реонот на денешната населба Гази Баба и индустрискиот дел на градот во тоа време. Сите објекти во кои биле позиционирани германските сили биле опколени со бодликави жици, била поставена кружна одбрана и минирани пристапи до самите објекти.
Германците ги имале минирано сите значајни објекти како што биле: зградата на Железничката станица, Кранговата палата, палата Бановина (зградата на Претседателството), дирекцијата на полицијата, Народната банка, домот на армијата, учителската школа и неколку други згради крај кејот на Вардар, вклучувајќи ги и сите мостови во градот. Германците имале поставено и надворешна одбранбена зона на линијата Горно Лисиче-Кисела Вода-гребенот на Карлијак, како и во населбата Ѓорче Петров.
Планот бил да се направи обрач околу Германците
41та дивизија добила задача да го обезбедува реонот Градско-Криволак-Кавадарци-Плетвар, а со тоа да ја штити заднината по долината на Вардар и дејствувањето на 49та дивизија во правец на Битола, како и операциите на 42та и 50та дивизија во нивните битки за ослободување на Скопје.
Планот бил да се спојат 42та со 50та дивизија и заедно да нападнат на Скопје. За таа цел морале да бидат најпрво ослободени Штип и Велес. Планот бил 42та дивизија со две бригади (третата и дванаесеттата македонска ударна бригада) да напаѓа од југ преку Карлијак, дел од нив да нападнат во Ѓорче Петров и по секоја цена да ги заземат мостовите и да се онеспособи непријателот да ги уништи.
50та дивизија и 8та бригада од 42та дивизија требало да нападнат по левиот брег по долината на Вардар, во источниот дел на Скопје, за подоцна во содејство со Шеснаесеттата македонска ударна бригада да го заземат северниот дел на градот. Планот бил да се создаде обрач околу градот и би се дејствувало кон спасување на веќе минираните мостови во самиот град.
Во крајната етапа, планот бил сите ударни младински групи кои биле организирани во самиот град, веднаш да почнат улични борби против непријателот и да се помогне во лоцирање и водење на партизаните кои би навлегле во градот. Бидејќи артилериското одделение на 42та дивизија останало на реонот на Велес, морало да се изврши силен изненадувачки напад на сите окупаторски позиции во градот со пешадиски структури.
Бугарската дивизија била целосна пасивна и добила наредба да се врати во Бугарија

Прогласот со кој се објавува дека Скопје е ослободено од страна на 42 македонска дивизија и македонските единици.
42та дивизија направила марш до селото Количани (јужно од Скопје), каде што стигнала истата вечер. 50та дивизија и 8та бригада на 42та дивизија направиле краток продор кон Скопје, со цел да се притиснат Германските позиции кон Катланово. За време на акцијата за ослободување на Штип, 5та бугарска дивизија тоела наполно пасивна, одморајќи се кај Злетовска Река, а дури откако бил ослободен градот Велес тргнала на пат кон Скопје и ноќта помеѓу 13 и 14 ноември со наредба од Главниот штаб, им било наредено да си се вратат назад за Бугарија, уште пред да стигне целата дивизија во Катланово.
Извештајот издаден од Штабот на брегалничко-струмичкиот корпус од 24 октомври ја потврдува неактивноста на бугарската армија и во кочанскиот крај:
„Бугарските сили се целосно неактивни во кочанскиот сектор. Германците се на линијата Тракањe-Теранци. Бугарите и тука се неактивни. Тие не го извршуваат договорениот план за заедничко дејствување, затоа доцнат во борбата или воопшто не ни учествуваат.“
Од кумановскиот терен, повторно поради нерешителност на бугарската армија, која не го затворила обрачот околу градот како што им било наредено, голем дел од германските сили ноќта помеѓу 10 и 11 ноември се префрлиле во правец на Скопје.
42та дивизија се приближила кон Карлијак и почнала со напади на надворешната германска одбрана на Скопје. Третата македонска ударна бригада со главните сили напаѓала преку селото Сопиште на Кисела Вода, а другиот баталјон во реонот на Горно Лисиче. Дванаесеттата бригада со главните сили напаѓала на Крстовар, еден баталјон напаѓал на Бел Камен и со тоа до доцна вечерта македонските партизани успеале да завладеат целата линија Горно Лисиче-Кисела Вода-Крстовар-Бел Камен.
50та дивизија и 8та бригада на 42та дивизија, истиот ден извршиле напад на реката Пчиња, го зазеле Катланово, каде Германците успеале да го срушат мостот на реката. Македонските партизани до ноќта пробиле до селата Петровец – Катланово, спремни да го продолжат ослободителниот марш кон градот Скопје.
Скопје било ослободено за два дена

Утрото на 12 ноември почнале првите борби во самиот град на неговата јужна страна. Овие напади ги извршила 42та дивизија, додека паралелно со неа од правецот на Кисела Вода со силен напад, влегла Третата македонска ударна бригада, заземајќи стратешки згради и потиснувајќи ги Германците кои се прегрупирале во веќе запоседнати згради во центарот на градот. Истиот ден (12 ноември, македонските броци – биле стигнати до самите згради, крај кејот на Вардар.
Делови од Дванаесеттата и Третата македонска ударна бригада ја блокирале железничката станица и почнале борба за самата зграда, како и за Кранговата палата (која се наоѓала во нејзина близина). Главницата на Дванаесеттата македонска ударна бригада ги нападнала зградите на Учителската школа и Поштата. Дел од Дванаесеттата бригада се упатил кон денешната населба Ѓорче Петров (тогашно Ханриево).
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата