logo
logo
logo

„МАКЕДОНЕЦОТ“ СОКОЛ БИБАЈ, кој им побегна на полицајците на Блаце, ПАДНА ВО ГОЛЕМА АКЦИЈА ВО АЛБАНИЈА

Vecer | 26.06.2026

„МАКЕДОНЕЦОТ“ СОКОЛ БИБАЈ, кој им побегна на полицајците на Блаце, ПАДНА ВО ГОЛЕМА АКЦИЈА ВО АЛБАНИЈА

Во организирана акција на албанската полиција разбиена е 10-члена криминална група, која се товари за шверц на кокаин, меѓу кои една од клучните фигури е Сокол Бибај (43), кој се споменуваше и во аферата „Двојник“, во која беша откриено дека македонските власти издавале македонски пасоши на познати криминалци од регионот и пошироко.

Сокол Бибај во Македонија е баран поради поседување лажен македонски пасош издаден во рамки на аферата „Двојник“. Тој користел македонски пасош на име „Андон Папи“, но со украден идентитет на реален македонски државјанин. Исто така, уште еден од уапсените во акцијата во Албанија, по име Флоријан Мусај, имал македонски пасош со позајмен идентитет – Наум Фило.

Освен за овие двајца „македонски државјани“, издадени се налози за апсење на уште осум лица. Групата се бавела со шверц на кокаин од Еквадор и Колумбија и негова дистрибуција кон европските пазари, главно преку пристаништата во Белгија и Холандија. Групата дејствувала во периодот 2019–2021 година. Обвинителството тврди дека мрежата успеала да организира транспорт на најмалку 50 тони кокаин, што случајот го прави еден од најголемите во регионот.

Истрагата открива дека криминалната организација се занимавала и со перење пари преку легални инвестиции. Албанските власти замрзнаа и конфискуваа 491 имот и финансиски средства, проценети на околу 150 милиони евра. Запленети се луксузни вили, хотели, деловни објекти, земјиште на крајбрежјето и стотици банкарски сметки.

Операцијата е резултат на долгогодишна меѓународна соработка меѓу албанските институции и партнери од Европол, Еуроџаст, британската National Crime Agency, како и безбедносните служби на Колумбија и Еквадор.

Аферата „Двојник“ откри дека од 2017 до 2021 година во системот на МВР биле издадени 215 вистински македонски пасоши со лажни идентитети, главно на странски државјани и лица од криминалното подземје. Во 2022 година Бибај беше задржан на граничниот премин Блаце, но успеал да избега и покрај потерницата. По овој настан МВР поднесе кривична пријава против двајца полициски службеници на ГП Блаце поради сомневање дека намерно го пуштиле да побегне. Тие се товартат за „злоупотреба на службена положба и овластување“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk