logo
logo
logo

ЕВРОПА Е ДОМ НА ВРЕДНОСТИ, НЕ НА УЦЕНИ, Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството, порача Мицкоски

Vecer | 01.07.2025

ЕВРОПА Е ДОМ НА ВРЕДНОСТИ, НЕ НА УЦЕНИ, Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството, порача Мицкоски

Македонија останува цврсто на европскиот пат, но нема да прифати уцени под превезот на интеграциите. Ова денеска јасно го порача премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, одржана во рамки на лидерскиот Самит ЕУ – Западен Балкан во Скопје.

– Нашата држава чекори со отворено срце и разум, но се противиме на уцените кои не се дел од европските вредности. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме, сè друго е туѓо за ЕУ и туѓо за нас – изјави Мицкоски.

Премиерот истакна дека Македонија на самитот влегува со јасна насока и визија, спроведувајќи реформи не затоа што тоа некој го бара, туку затоа што тоа го заслужуваат граѓаните.

– Нашите реформи не се декорација. Тие се потреба. Ќе се движиме самите, со сопствената волја, конкретен план и визија. Ќе испорачуваме резултати и ќе го следиме европскиот пат по сопствен избор. Благодарни сме за поддршката од Европската комисија, но уште повеќе сме решени сами да си помогнеме – нагласи премиерот.

На Самитот во Скопје, како што кажа Мицкоски, државата не е само домаќин, туку и партнер и сојузник на една заедничка визија – Западен Балкан кој се дефинира преку своите можности, а не преку проблеми.

– Ова е признание за улогата што ја има Македонија во градењето мостови и создавањето решенија. Планот за раст на ЕУ не го гледаме како формалност, туку како алатка со која ќе ја трансформираме државата, модернизација на јавни услуги, подобрување на образованието, инвестиции во енергетска и дигитална инфраструктура. Државата ќе стане европска дома, пред формално да стане дел од ЕУ – рече тој.

Премиерот Мицкоски истaкна дека тоа не е случајност.

-Тоа е резултат на политичкиот капитал кој го вложивме во стабилноста, реформите и конструктивниот пристап. Ова е признание за улогата што нашата држава ја има во градењето мостови и содавањето на решенија, рече Мицкоски.

На денешните разговори во фокус е реализација на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, која претставува историска шанса за сите граѓани.

-Тоа е механизам кој ни овозможува не само пристап до инвестиции и фондов, туку и мотивирачка рамка за унапредување на владеењето на правото, ефикасноста на институциите и економската конкурентност, додаде Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање за наводни доцнења на три министерства во спроведување на клучни реформи, Мицкоски изјави дека Македонија е над просекот од 75 отсто што го спомена еврокомесарката Кос, и оти сите закони се веќе во собраниска процедура.

– Не би рекол дека има доцнење. Ние сме некој процент над тој просек. Денеска ќе бидат завршени и тие закони, со што ќе бидат исполнети сите обврски преземени со Планот за раст – изјави премиерот Мицкоски.

Самитот во Скопје беше фокусиран на конкретни чекори за унапредување на реформите и интеграцијата на регионот, а Македонија уште еднаш покажа дека е стабилен, реформски и конструктивен партнер во европскиот процес.

Кос избегна да говори за гаранции од Брисел: Ги спомна уставните измени и отворената можност за проширување

За Европската Комисија ситуацијата е јасна, доколку Македонија ги исполни заложбите и го промени Уставот, што секако дека не е лесно, тогаш ќе започнеме веднаш со меѓувладината конфернција без било какви дополнителни политички условувања, порача еврокомесарката Марта Кос, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје, за барањата од Софија, освен уставни измени, да се усвојат и протоколите.

Прашана за тоа какви гаранции може да даде ЕУ на Македонија дека Бугарија нема да го билатерализира процесот понатаму, Кос нагласи дека нивната „политичка цел е да се отворат преговорите за Северна Македонија, по кластер 1 најскоро можно, штом ќе ги задоволи Северна Македонија релевантните критериуми, договорени со Советот, односно ќе ги имплементира заложбите да се извршат уставните промени“.

– Сметам дека е многу важно, а денешниот состанок само го покажува тоа дека Северна Македонија треба да се подбутне на патот кон проширувањето, особено со оглед на тоа дека некои други земји се силни конкуренти за завршување на претпристапните преговори. Сите препознаваме дека ова не е лесно, но можноста е отворена сега за проширување и ние сите треба да ја искоирстиме оваа шанса. И сите треба да придонесеме, не само овие две земји, туку сите од ЕУ да се изнајде начин што ќе овозможи Северна Македонија да започне најскоро што е можно. Најдобра гаранција за овој процес е да се остварат резултати – порача Кос.

Затоа, според Кос, од аспект на Комисијата важно е да се има конструктивен дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија, и да се изгради дух на заедничка доверба и разбирање.

Прашана за коментар на околу бугарските амандмани за Извештајот за Македонија каде се бара „модерен (современ)“ македонски јазик и македонска нација, Кос рече дека според неа „членство во ЕУ е најдобар начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот“.

– Членството во ЕУ според мене е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, поради тоа што ЕУ е изградена на приципот на разноличност и ЕУ се грижи за сите земји членки поединечно, во смисла на тоа што нашиот идентитет е добро зачуван – изјави Кос.

Словенија, посочи Кос, исто така е мала земја со два милиони жители, но откако стана членка на ЕУ во 2004 година, словенечкиот јазик е еден од 24 официјални јазици на ЕУ.

Кос, исто така, посочи дека и во Молдавија работи на спречување на, како што вели истиот наратив дека ќе се изгуби јазикот и идентитетот.

– И откако Молдавија стана земја кандидат во моето портфолио, помагаме да се спречи рускиот наратив што вели дека ќе го изгубат идентитетот. Идентитетот не може, според мене, никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување. Идентитетот е нешто што си го носиме во душите и во нашите срца. Идентитетот е како се чувствуваме и како ја чувствуваме нашата татковина, идентитетот е она како се грижиме за нашата традиција. На пример манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче гравчето, пинџурот или полнетите пиперки… како на пример ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик и никој не може да ви го одземе ова на вас Македонците – порача Кос.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk