Со јасни пораки на надеж, соработка и заедничка иднина, денеска беше официјално отворена Меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“, која од 7-10 април во Скопје ќе обедини врвни светски и регионални лидери, академици, експерти и млади визионери.
Конференцијата ја отвори поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој нагласи дека историјата нè учи дека цивилизациите не умираат кога ќе ја изгубат моќта – туку кога ќе ја изгубат способноста да слушаат. - Мора да ја напуштиме логиката на цивилизациска конкуренција и да ја прегрнеме логиката на нашата заедничка судбина. Затоа, да не го поставуваме прашањето кој модел ќе победи – туку како заеднички ќе создадеме нов модел. Нов договор. Нов јазик на соработка – заснован врз почит, разбирање и етичка рамноправност. Осумдесет години по војната, човештвото направи огромен чекор напред. Но, истовремено, се соочуваме со нови предизвици. Заветот на победниците сè уште може да се исполни – но само ако ја избереме иднината на мирот, солидарноста и достоинството. Ако не учиме од минатото – ќе го повториме. Ако не ја изградиме иднината – ќе ја изгубиме, порача Иванов.
Специјални видео пораки за отворањето на конференцијата упатија Мигуел Ангел Моратинос, Заменик генерален секретар на Обединетите нации и Висок претставник за Алијансата на цивилизации, и Лу Шаие, специјален претставник на Владата на Народна Република Кина за европски прашања.
Свое поздравно обраќање имаше и академик Катица Ќулафкова и Фанг Јун - Заменик генерален секретар на Кинеската академија на општествени науки.
Во рамки на конференцијата се одржаа четири панел дискусии. Првиот панел, на тема „80 години од Втората светска војна: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“, беше модериран од амбасадорот Ивица Боцевски, а на него говореа поранешните претседатели Ѓорге Иванов, Иво Јосиповиќ (Претседател на Република Хрватска 2010-2015), Борис Тадиќ (Претседател на Република Србија 2004-2012), Младен Иваниќ (Член на Претседателството на Босна и Херцеговина 2014–2015, 2016–2017), како и Златко Лагумџија (Претставник на Босна и Херцеговина во ОН, поранешен премиер, заменик премиер и министер за надворешни работи), кој испрати специјална видео порака.
Вториот панел под наслов „Градење иднина на мир: Улогата на Алијанса на цивилизациите во промовирање на дијалог и глобално единство“ го модерираше Иван Иванов, претседател на извршниот одбор на ICAC, а во него учествуваа Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд на Македонија, професорот Халит Ерен, советникот Шенер Билал, пратеничката и поранешна министерка Рашела Мизрахи и професорот Милан Џорџевиќ.
Третиот панел, на тема „80 години мултилатерализам: што значи тоа за следните 80 години“, понуди глобални перспективи преку видео порака од Исмаил Серагелдин, основачки директор на библиотеката во Александрија и поранешен потпретседател на Светската банка, како и преку обраќања од амбасадорот на Кралството Шпанија во Македонија Рафел Сориано Ортиз, амбасадорот Јован Донев, професорот Гонг Ионг и советникот за владини реформи Раби Седрак. Модератор на панелот беше амбасадорот Зоран Дабиќ. Последниот, четврти панел беше посветен на темата „Улогата на Кина во мултилатерализмот и глобалниот развој“, модериран од Жидас Даскаловски, со говорници Хенри Вен, Фенг Жонгпинг, Шен Јуџинг и Игор Радев.
Конференцијата постави силна основа за понатамошни иницијативи и соработка во насока на глобален мир, меѓусебно почитување и заеднички вредности. Се порака дека преку дијалог и разбирање, можеме да изградиме иднина која ќе биде посветена на достоинството, правдата и човековите права.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата